Подгорица – Во Црна Гора останува во сила забраната за празниците да не се одржуваа концерти и прослави на отворено, одлучија тамошното министерство за здравство и Институтот за јавно здравје. Во образложението од институциите се наведува дека на таквите настани ќе има многу луѓе, а во Црна Гора веќе се регистрирани првите случаи на инфицирани со сојот омикрон од ковид-19.

Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама реагираше на обидот за палење на знамето на Србија за време на протестите во Тирана изминатиот викенд, пред самитот „Отворен Балкан“, истакнувајќи дека за време на неговата посета на Белград исто така на плоштадите биле палени албански знамиња и дека полицијата ги апсела оние што го правеле тоа. За критиките на сметка на „Отворен Балкан“, Рама кажа дека тоа не само што е иднина за децата од регионот туку има стратегиски интерес за државата и целиот албански народ.

Љубљана – Земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди Словенија, чиј епицентар бил 58 километри западно од Загреб. Земјотресот е регистриран на длабочина од два километри, на шест километри југоисточно од Ново Место во Словенија, информира интернет-страницата ЕМС.

Љубљана – Поради сојот омикрон на коронавирусот, се очекува словенечката влада да донесе нови мерки што ќе важат во текот на празничниот период, но бројките на новозаразени и натаму се во пад, а се намалува и бројот на хоспитализации. Владата наскоро би требало да одлучи дали ќе ги прифати препораките на епидемиолозите за дополнителни рестрикции за време на божиќните и новогодишните празници поради ширењето на новата варијанта на коронавирусот, кој е откриен речиси во сите региони.

Атина – Едно лице се удави, а десетици се водат како исчезнати откако потона брод со мигранти покрај грчкиот остров Фолегандрос во Егејско Море. Спасувачите информира дека засега пронашле десетина преживеани лица, но точната бројка на патници на потонатиот брод сѐ уште не е позната. Грција е една од главните маршрути за мигрантите што сакаат од Турција да стигнат до Европската Унија, но повеќето од нив го преминуваат морето во мали гумени чамци. Фолегандрос, кој се наоѓа среде Егејско Море, се смета за дел од маршрутата.