Златен прстен со сино-зелен скапоцен камен на кој е изгравиран ликот на момче што носи овен или овца на рамениците, е пронајден заедно со стотици сребрени и бронзени монети на морското дно во близина на древното пристаниште Цезареја, соопшти израелската управа за антиквитети, пренесуваат светските медиуми.

– Добриот пастир бил еден од најраните симболи што ги користела христијанската заедница на Исток – вели еден од археолозите во тимот, додавајќи дека прстенот датира од средината на третиот век.

Според Евангелието по Јован, Исус се нарекол себеси Добриот Пастир кој ќе го заштити своето стадо верни следбеници.

Израелската управа за антиквитети соопшти дека предметите, кои вклучуваат и римски фигурини и прстен со врежана слика на библиска лира, биле извлечени од трупот на два брода, стари седумнаесет века, кои веројатно потонале за време на бури додека биле закотвени.

Градот Цезареја бил еден од најраните центри на христијанството и во него се наоѓала една од првите христијански заедници, соопшти израелската управа за антиквитети.