Фото: Принтскрин

Ден по претседателските избори во Венецуела по кои досегашниот шеф на државата Николас Мадуро објави победа, а опозицијата ги оспорува резултатите, избија големи протести.

Полицијата употреби солзавец и гумени куршуми врз илјадници демонстранти, поддржувачи на опозицијата, кои го обвинуваат Мадуро за кражба на изборите.
Најжестоките судири се случија во центарот на Каракас.
Армијата и полицијата, опремени со водени топови, се обидоа да ги растераат демонстрантите и да ги спречат да се приближат до претседателската палата.

Изборните претставници изјавија дека Мадуро го освоил трет мандат со 51 отсто од гласовите, што му овозможило да го продолжи четвртвековното социјалистичко владеење уште шест години.

Опозицијата рече дека 73 отсто од преброените гласови до кои имала пристап покажале дека опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес освоил убедлива победа, добивајќи повеќе од двојно повеќе гласови од Мадуро.

-Драги мои Венецуелци, утре се собираме – како семејство, организирано, демонстрирајќи ја решителноста што ја имаме секој глас да биде важен и да ја браниме вистината – рече лидерот на опозицијата Марија Корина Мачадо во објавата на Икс доцна синоќа, повикувајќи ги приврзаниците на протестен марш денеска.

Хорхе Родригез, пратеник на владејачката партија и шеф на изборната кампања на Мадуро, од своја страна ги повика приврзаниците на социјалистите на марш за да ја поддржат владата. Додека Гонзалес предупредуваше на какво било насилство, Родригез ја обвини опозицијата за поттикнување насилство.

Мадуро ја обвини опозицијата дека повикува на државен удар.

-Ова не е првпат да се соочуваме со она со што се соочуваме денес. Тие (демонстрантите) се обидуваат повторно да наметнат фашистички и контрареволуционерен пуч во Венецуела – рече тој.

Мадуро синоќа изјави дека неговата влада „знае како да се соочи со оваа ситуација и да ги победи оние кои се насилни“, пренесува Ројтерс.