Од аспект на ЕУ, владината криза во Италија, како и секогаш, доаѓа во непогоден момент. Третата по големина економија во еврозоната се наоѓа во економска криза поради пандемијата, чија неможност на Владата да спроведе структурни реформи може да предизвика верижна нестабилност во еврозоната

Италија, која е една од најтешко погодените земји во ЕУ од глобалната пандемија, се најде во ситуација на владина криза откако широката коалиција на центристичкиот премиер Џузепе Конте, поради несогласување за помошта од ЕУ, остана без еден од партнерите, Матео Ренци. Ваквата поставеност на состојбите во Италија може верижно да ја поткопа стабилноста кај повеќето влади во Унијата токму поради фактот што многу држави во ЕУ имаат внатрешни проблеми слични на Италија за користењето на парите добиени од корона -фондот на Брисел. Ова меѓу другото го наведува „Еуроњуз“, кој во текстот објаснува дека тензиите поради недостигот од вакцини во ЕУ, но и огромните финансиски несогласувања за распределба на помошта од ЕУ, во моментов се најголемите предизвици за повеќе влади во Унијата.

Парите од Унијата главна причина за несогласувања

Медиумот наведува дека, во основа, кризата во земјата е почната за тоа како да се употребат парите за санација на италијанската економија од големиот пакет за помош, како грантови и долгорочни заеми што ЕУ ги определи за земјите-членки. Станува збор за 209 милијарди евра, колку што добива Италија, најмногу од сите, кои треба да ја подигнат земјата што е прогласена за најтешко погодена од пандемијата. Се смета дека „расправијата“ на Ренци е повеќе политикантска, отколку што е суштински врзана за разликите, како и кому првично да му се разделат овие средства, кому во бизнис-секторот и вкупната економија, а кому во здравството, за кое велат дека е на работ од целосен колапс. Управникот на Инфекциската болница во Милано, коментирајќи ја непотребната владина криза, изјави за италијанските медиуми дека сето тоа личи на она „оркестарот свири додека ’Титаник’ тоне“.
– Во време кога Владата се бори да се запре и стави под контрола пандемијата, да го спроведе вакцинирањето на населението и да ја запре ерозијата на домашната економија, незамисливо е да се напушта тимот во Владата поради лични и политикантски интереси. Ваквиот потег може верижно да создаде проблеми не само во Италија туку и кај другите земјите во Унија – оценува Џузепо Салвини, финансиски експерт за ЕУ.

По Италија, и Холандија и Португалија имаат свои кризи?

Од аспект на ЕУ, владината криза во Италија, како и секогаш, доаѓа во непогоден момент. Третата по големина економија во еврозоната се наоѓа во економска криза, каде што ниту популистичката влада не успеа да спроведе структурни реформи, со што може да предизвика и други структурни нестабилности во еврозоната.
Во меѓувреме, холандската влада поднесе колективна оставка, по избувнувањето на скандалот поврзан со лажното обвинување за измама поврзана со детскиот додаток што им бил даван на голем број семејства за подобрување на социјалната положба на нивните деца. Станува збор за афера во која се злоупотребувани државните пари и средства од ЕУ предвидени за бенефиции за децата во Холандија. Ваквата разврска на скандалот, за кој подолго време се зборува во Холандија, доаѓа во незгодно време, додека земјата се бори со пандемијата на коронавирусот, се наоѓа во карантин, а Владата се подготвуваше да донесе нови мерки за натамошно заострување на мерките против епидемијата. Слично на Холандија, и Португалија се соочува со свои внатрешни проблеми за време на пандемијата. Имено, според „ЕУ обсервер“, Португалија, која во моментов е земја претседавач со ЕУ, има проблеми за носење на планот за заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија (ЦСДП). Како што наведува магазинот, прашањето е дали заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ треба да се фокусира на територијалната одбрана и заштитата на Европа или да се користи првенствено за управување со надворешни кризи, проблем што бара фундаментално разјаснување и може да создаде ризици по безбедноста на Европа.