Си Џинпинг и Путин

Неодамнешното навлегување на кинеските и руски авиони во воздушниот простор на Јужна Кореја, претставува цврст доказ дека двете светски сили ги зајакнуваат врските, пренесува „Волстрит џурнал“.

Нивните воени авиони влегоа во воздушниот простор на Јужна Кореја и Јапонија, по што беа испалени повеќе од 300 предупредувачки истрели од јужнокорејската одбрана, пред авионите да го напуштат воздушниот простор во кој беа навлезени.

Ова може се протолкува како доказ за соработката помеѓу Русија и Кина. Во 2017 година двете земји ја изведоа првата поморска воена вежба на Балтичкото Море. Во 2018 година, Си Џинпинг го нарече Владимир Путин „најдобар, близок пријател“, а истата година кинеските воени сили учествуваа во најголемата одржана воена вежба на руско тло од 1981 година.

Според директорот на американското национално разузнавање во заминување, Ден Коутс, двете суперсили сега се блиски, исто како во 50-тите години на минатиот век. Тој посочува дека со влијанијата во Венецуела, Сирија и во Србија, тие сега соработуваат и постојано го провоцираат Западот. Нивното влијание се чувствува и во Супсахарска Африка, а изнајдоа начини и да ја ослабат конкуренцијата во Централна Азија.

Целта на Путин е да изгради силна Русија која ќе служи како баланс помеѓу Европа и Кина. Со оглед на бавниот пад на Русија и брзиот подем на Кина, Западот очекуваше Русија да работи за да ги поддржи западните напори за балансирање на Кина, наместо да ги поткопа ваквите обиди.

Овие чекори ги затвораат вратите за ориентирање на Русија кон Западот. Европската Унија е преслаба, неодлучна и прелиберална за да биде стратешки партнер за Путин. Конгресот на САД е премногу непријателски настроен кон интересите на Русија. Ова остава избор помеѓу изолација и партнерство со Кина.

Друга причина за новонастанатите добри односи е и загриженоста во врска со силата со која САД ги наметнуваат своите ставови и нарушувачка моќ во други земји. Санкциите и тарифите кои ги користат САД како економска алатка во врска со соработката и извозот на нафта, се доволна причина за Русија и Кина да бидат свесни дека еден ден овој начин на уцени и војување на економски план може да биде свртен и против нив.

Новите промени на глобалната политичка сцена имаат длабоки причини, а САД и Кина развиваат пошироки погледи на своите интереси додека моќта им се зголемува. Сепак, Кина одговори на новонастанатата компетитивна ситуација со продлабочување на односите и врските со Русија, како свој стратешки партнер. Комбинирано со растечките амбиции на двете светски сили и економските, воени и културни нарушувања како последици од новонастанатата информациска револуција, лесно е да се разбере причината за новото светско нарушување и новонастанатите сојузништва помеѓу двете суперсили.