Шефот на делегацијата на Хутите на мировните преговори за Јемен, што се одржуваат во Шведска, Мохамед Абдусалам повика на формирање преодна Влада во Јемен во која ќе учествуваат „сите политички сили“.

Мохамед Абдусалам ова го изјави на маргините на мировните преговори со делегација на Владата поддржана од Саудиска Арабија, кои почнаа на 6 декември.

Тој исто така истакна дека јеменскиот пристанишен град Ходејда треба да биде прогласен за „неутрална зона“.

Бунтовниците, кои се поддржани од Иран, контролираат големи села во Јемен, но и главниот град Сана и пристаништето Ходејда на Црвеното Море.

Мохамед Абдусалам исто така рече дека Хутите се согласни ОН да учествува во подготовката за отворање на аеродромот во Сана.

Разговорите почнаа во четвртокот, кога завојуваните партии се согласија за размена на затвореници. Сепак, претставници на ОН предупредија дека не очекуваат преговорите да доведат до брз напредок кон политичко решение.

Според делегацијата на Хутите, преговорите се поделени на пет главни делови, вклучувајќи дијалог за рамка за политичко решение на конфликтот и обновување на работата на аеродромот во главниот град Сана за да може да се доставува хуманитарна помош.