Франција и Италија, односно втората и третата најголема економија во ЕУ, се веќе во рецесија, а еврозоната бележи рекорден пад, објави „Гардијан“.
Ковид-19 ја погоди француската економија, чиј БДП паднал за 5,8 отсто во првите три месеци од 2020 година. Италија, која е една од најпогодените земји од пандемијата на коронавирусот, ѝ се придружи на Франција во рецесија откако претрпе најголем пад во изминатите децении, односно 4,7 отсто во првата половина од 2020 година. Тоа се најлоши резултати од 1995 година и следуваат по падот од 0,3 отсто во периодот октомври-декември 2019 година.

Во меѓувреме, економијата на еврозоната забележа рекорден пад, многу поголем од првичните очекувања за првите три месеци од годината, и таа веќе е на половина пат до рецесија. Според процените на Евростат, економското производство на 19-те земји што го користат еврото во периодот од јануари до март било за 3,8 отсто помало во однос на претходните три месеци, што е најголем квартален пад уште од 1995 година. Економистите анкетирани од Ројтерс претходно очекуваа пад од 3,5 отсто, по кварталниот пад од 0,1 отсто во последните три месеци од 2019 година.

Тоа е екстремен пад, полош дури и од времето на финансиската криза од 2008 година. Економистите прогнозираат уште еден рекорден пад во периодот од април до јуни, кога ќе се почувствуваат и целосните ефекти од карантинските мерки воведени поради ковид-19.