Дамаск – Исламска држава ги фрлала во клисура во североисточна Сирија телата на лицата што ги киднапирала и мачела, тврди „Хјуман рајтс воч“. Организацијата тврди дека Исламска држава продолжува да го прави тоа и бара од локалните власти да ја обезбедат локацијата, да ги отстранат човечките останки и да се зачуваат доказите за кривично гонење.

Вашингтон – САД не доставија никакви докази или податоци до Светската здравствена организација со кои би ги поткрепиле тврдењата на администрацијата на претседателот Доналд Трамп дека коронавирусот е создаден во лабораторија во Кина, велат од здравствената организација на ОН. СЗО посочува дека таквите тврдења без докази засега ги смета само за шпекулација.

Брисел – Европа беше малку наивна во однос на Кина, но нејзиниот пристап стана пореален, оцени еврокомесарот за надворешна и безбедносна политика Јосеп Борел. Тој смета дека Кина е истовремено и економски партнер на Европа и системски ривал, кој се обидува да промовира алтернативен модел на владеење.

Париз – Една француска болница, која ги преиспитала примероците од пациент со воспаление на белите дробови, утврдила дека лицето што го лекувала имало ковид-19 уште на 27 декември, што е речиси еден месец порано од периодот кога француските власти ги потврдија првите случаи на ковид-19 во земјата.

Вашингтон – Ако се ублажат карантинските мерки во САД бројот на жртви од коронавирусот до крајот на јуни би можел да достигне 350.000 лица, според истражување на Универзитетот на Пенсилванија. Американскиот претседател Доналд Трамп се залага за што побрзо отворање на економијата и прогнозира до крајот на годината во земјата да има до 100.000 жртви од ковид-19. Бројот на жртви во САД во моментот е околу 70.000 лица.

Каракас – Претседателот на Венецуела Николас Мадуро изјави дека е спречен нов обид за државен удар за кој обвини двајца американски државјани. Мадуро за пучот обвини 13 платеници, меѓу кои и двајца Американци, кои, според него, работат за американскиот лидер Доналд Трамп