Истражување на УНИЦЕФ и на ООН

Детскиот труд се зголеми првпат во последните две децении, соопштија Обединетите нации, предупредувајќи дека пандемијата на коронавирусот става во ризик милиони деца. Бројот на деца во светот заглавени во детски труд се искачи на 160 милиони, што е зголемување за 8,4 милиони деца во последните четири години, соопштија Меѓународната организација на трудот (МОТ) и агенцијата за деца УНИЦЕФ во заедничкиот извештај.
– Ја губиме подлогата во борбата против детскиот труд. Сега, веќе втора година на глобално блокирање, затворање на училишта, економски нарушувања и смалување на националните буџети, семејствата се принудени да прават тешки избори – изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе. Со речиси едно од 10 деца на глобално ниво заглавено во детски труд, извештајот предупредува дека здравјето, образованието и благосостојбата на целата генерација продолжуваат да бидат загрозени. Супсахарска Африка е најпогодениот регион, но организациите на ОН соопштија дека ковид-19 исто така го загрозува напредокот во другите делови на светот, како што се Азија и Латинска Америка. Извештајот предупредува дека уште девет милиони деца се изложени на ризик до крајот на 2022 година поради економските шокови во пандемијата и затворањето на училиштата. Во отсуство на социјална заштита, овој број може да се искачи на дури 46 милиони.