Руската православна црква соопшти дека ќе одговори „со иста мерка и одлучно“ на Екуменската патријаршија со седиште во Истанбул поради спорот на Москва со Украинската православна црква.

На состанокот на Синодот во четвртокот во Истанбул е поддржано барањето на Украина за автокефален статус и поништена е одлуката за исклучување на патријархот Филарет, кој се надева дека ќе води нова, независна црква со седиште во Киев.

Александар Волков, портпарол на рускиот патријарх Кирил, денеска изјави дека Светиот синод на руската црква ќе го „изрази својот став“ утре на состанок во Минск, не прецизирајќи кои мерки би се донеле.

– Се надевам дека Православната црква ќе најде сила да ги совлада тешкотиите и дека ќе остане единствена, изјави патријархот Кирил по пристигнувањето во Минск.