Катастрофално невреме попладнето го погоди Истанбул и други делови на Турција, при што загинаа четири лица. Повредени се 19 лица, пренесуваат тамошните медиуми.

Според написите, невремето предизвикало голема материјална штета во градот со 15 милиони жители.
Според турските медиуми, една жена загинала во квартот Есенјурт во Истанбул, каде што силните налети на ветерот откорнале дел од покривот, кој паднал врз неа и врз нејзиното дете.

Детето преживеало, но добило тешки повреди.
Босфорот, според последните информации, е затворен за поморски сообраќај, а фериботите се откажани.

Најмалку шест лета на авиони, кои требаше да слетаат во Истанбул, се пренасочени кон градовите Анкара и Измир, изјави портпаролот на една авиокомпанија.

Силните ветрови, исто така, ги принудија властите да ги откажат фериботите меѓу крајбрежните одморалишта Бодрум и Датка.