фото: Принтскрин

Сопственикот на туристичката агенција „Беса транс“, Беким Хаџиу, за првпат откако се случи страотната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, во интервју за бугарската „БНТ“ зборува за деталите околу патувањето и автобусот што изгоре, при што загинаа 45 луѓе.

Хаџиу вели дека автобусот поминал нa технички преглед пред да замине од Турција и се било во ред. Ја исклучува можноста некој од патниците има увезено запаливи материи. Хаџиу потврди дека и тој и неговото семејство биле дел од патувањето, но патувале со други автобуси.

Сопственикот на „Беса транс“ во интервјуто кажал дека досега не зборувал за медиумите бидејќи бил шокиран од тоа што се случило, но на секој начин соработувал со истражителите за да се утврдат причините за инцидентот.

Хаџиу вели дека автобусот бил произведен во 2007 година, но бил купен од неговата компанија пред околу три години. Според него, досега немало технички проблем со автобусот.

– Си велев зошто не бев во тој автобус, да умрам и тоа си го кажав многу пати – вели Хаџиу.

На граница, на излез од Бугарија, тој дознал за автобусот.

– Им реков да ме испратат на местото да видам со свои очи што се случило таму – додава Хаџиу.

Сопственикот на фирмата се качил со такси и се вратил на местото на несреќата.

– Пред да тргнеме за Турција ги сервисираме, контролираме, па дури и кога ќе стигнеме до Истанбул и таму одиме на сервис да ги проверат, превезуваме патници, да видиме каква е состојбата. Се беше во ред и таму ни кажуваат доколку нешто не е во ред веднаш да го поправиме – објаснува сопственикот на „Беса транс“.

Беким Хаџиу рече дека во автобусот немало туби со нелегално увезено гориво. Поради темелните проверки на бугарските граници се исклучува можноста патник да внесе многу запалива материја, додава тој.

На прашањето дали автобусот ги има сите потребни документи, тој и неговиот адвокат во интервјуто за бугарскиот медиум кажале дека во оваа фаза нема да коментираат бидејќи истрагата е во тек.

Ги опишал возачите на автобусите како добри и искусни професионалци кои многупати ја поминале таа релација. Според него тие строго ги почитувале термините за паузи.

Хаџиу во интервјуто кажал дека автобусот имал фабрички ограничувања и не можел да крене брзина поголема од 100 километри на час.

Тој во разговор за бугарскиот медиум кажал дека од несреќата живее во Бугарија. Изнајмил стан за да им биде достапен на истражителите и да помогне колку што може. Тој вели дека е достапен и за роднините на настраданите.

– Никој не сакаше ова да се случи. Сите го знаат тоа. Не дозволувајте никому да му се случи оваа трагедија, тажна, многу тажна трагедија. Не знам што друго да кажам – изјави за „БНТ“ сопственикот на „Беса транс“.

Беким Хаџиу вели дека не се чувствува загрозено од никого.