Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и претседателот на политичката партија Алтернатива, Африм Гаши, имаа работна средба со своите тимови во Клубот на пратениците.

На средбата беше постигната начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка изразена преку политичко и извршно учество на Алтернативата во Владата, информираа владините служби.

Соговорниците, додаваат од таму, биле согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. На тој начин ќе се обезбедат и најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици, како што се пандемијата на Ковид-19 и глобалната енергетска криза.

Почнаа разговорите за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, при што се разменија мислења за можните кадровски решенија што треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменик-министри и други раководни лица во рамките на централната власт, потенцираат од Владата.

Во деновите што следуват, како што најавија, ќе продолжат консултации во партиите по што ќе следува и нова работна средба помеѓу премиерот Заев и претседателот на Алтернативата, Гаши, со нивните тимови.