Илустрација: „Си-ен-ен“

Западот се обидува да го прочита следниот потег на рускиот претседател Владимир Путин на „геополитичката шаховска табла“, подготвувајќи пакет на агресивни санкции во случај на руска инвазија на Украина, пишува „Си-ен-ен“.

Наспроти тензиите кои се на највисоко ниво уште од 2014 година, Путин воопшто не се грижи за заканите на Западот бидејќи тој е во позиција да влече потези, наведува американската медиумска мрежа.

Европа е зафатена од енергетската криза, со ниски резерви на енергенси. Додека Русија снабдува 40 отсто од увезениот природен гас во Европската Унија, Кремљ веќе ја покажа способноста да им зададе шахмат на најстрогите санкции на Западот, со ограничување на производството, со што може да предизвика помрачување низ Стариот Континент.

Завршната игра на Путин е „СССР 2.0“ и таа следува речиси 30 години по распадот на Советскиот Сојуз. Неговите следни потези доаѓаат во деликатен геополитички миг, во кој Западот стравува од инвазија на Украина, колонизација на Белорусија и од европската енергетска криза, при што Ангела Меркел се повлече од канцеларската функција, а постои загриженост за надворешната политика на американскиот претседател Џо Бајден.

На Западот му преостануваат мал број на дипломатски механизми, но тука спаѓаат сите можни средства настрана од директен воен конфликт. Извесно е дека видеоразговорите со Бајен и заканите од европските лидери за „сериозни последици“ нема да го поколебаат Путин. А отстуството на одлучност, без разлика дали во дипломатијата, на бојното поле или на шаховската табла, никогаш не е победничка стратегија, заклучува „Си-ен-ен“.