Пресудата на германскиот суд е закана за иднината на ЕУ, велат политичари

ЕУ најави можна правна процедура против Германија откако нејзиниот Уставен суд побара од Европската централна банка да го оправда купувањето обврзници во рамките на програма што ја одобри и највисокиот суд на ЕУ

Европската комисија може да поведе правна процедура против Германија за пресудата на нејзиниот Уставниот суд дека Европската централна банка (ЕЦБ) го надминала својот мандат во однос на купувањето обврзници, соопшти извршната институција на ЕУ.
– Детално ја анализираме пресудата на германскиот Уставен суд. Ќе ги разгледаме можните следни чекори, кои може да вклучуваат и опција за постапка за прекршување на правилата – изјави претседателката на Европската комисија и бивша германска министерка, Урсула фон дер Лејен.
Таа нагласи дека „монетарната политика на ЕУ е прашање на ексклузивна надлежност, дека правото на ЕУ има предност пред националното право и дека пресудите на Европскиот суд на правдата (ЕСП) се обврзувачки за сите национални судови“, пренесе „Политико“.

– Последниот збор за правото на ЕУ секогаш се изговара во Луксембург и на ниту едно друго место – додаде таа.
Во меѓувреме, потпретседателката на Комисијата, Вера Јурова, посочи оти адвокатите на ЕУ внимателно ги разгледуваат наредните чекори.
– Треба да им биде јасно на сите дека правото на ЕУ има примат во Унијата. Пресудите на ЕСП се обврзувачки за сите национални судови – нагласи таа.
Германскиот суд во Карлсруе претходно ја шокира ЕУ откако ѝ даде на ЕЦБ три месеци да го оправда купувањето обврзници со програмата за стимулирање на економиите во еврозоната од 2015 година, која во 2018 година беше одобрена од Европскиот суд на правдата (ЕСП) во Луксембург, највисокиот суд на ЕУ.

Критичарите обвинија дека одлуката на германскиот суд ги доведува во прашање не само иднината на програмата на ЕЦБ за помош на загрозените економии од еврозоната во екот на пандемијата на коронавирусот туку и самото евро. Според нив, таа претставува тежок удар за шемата на купување обврзници вредна 2.000 милијарди евра со што требаше да ѝ се помогне на економијата во еврозоната да ја преброди кризата, почната уште 2015 година. Одлуката најавува и директен судир меѓу германскиот Уставен суд и највисокиот суд на ЕУ, поставувајќи го прашањето за супремацијата во вакви ситуации, јави „Дојче веле“.
Одлуката на судот во Карлсруе практично ѝ овозможува на германската Бундесбанк, која е најголем учесник во програмата на ЕЦБ, да продолжи да учествува во програмата доколку ЕЦБ докаже дека такво нешто е неопходно, и покрај негативните ефекти како ризикот за парите на даночните обврзници и зависноста на владите од финансирањето од народните банки.

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц изјави дека трите месеци што ѝ се дадени на ЕЦБ да ја докаже неопходноста на програмата „се доста долг период“ и потврди дека Германската централна банка засега ќе остане дел од неа. Одлуката на германскиот суд е конечна и уставните судии ги повикаа германскиот парламент и Владата да ѝ се спротивстават на ЕЦБ по ова прашање, што значи дека проблемот сега ќе треба да го решаваат ЕЦБ и официјален Берлин. Европската централна банка ја фалеше својата програма за економска стимулација дека досега отворила 11 милиони работни места, додека критичарите велат дека преку неа се создале т.н. меури на недвижностите и се намалил повратот во сигурните инвестиции како пензиските шеми, штедењето и владините обврзници, пренесува „Дојче веле“.

Мислењата се поделени за важноста на пресудата на германскиот суд. Германскиот економист Јерк Кремер вели дека ЕЦБ лесно ќе ја докаже неопходноста на својата програма и дека купувањето обврзници ќе продолжи. Германскиот економист Хендрик Ендерлеин, пак, смета оти пресудата ќе ја ослабне ЕЦБ на пазарите и во политиката и дека дури и да нема директна пресуда, заканата секогаш ќе биде присутна. За шпанскиот европратеник Луис Гарикано, пак, пресудата е закана за иднината на институциите на ЕУ.
– Европа не може да функционира ако националните уставни судови одлучуваат еднострано. Очекувајте унгарскиот и полскиот суд да го следат овој пример – порача тој.