Партијата на германската канцеларка Ангела Меркел го оствари својот најлош резултат на регионалните избори во градот-држава Хамбург. Првичните резултати покажуваат дека Демохристијанската унија (ЦДУ) завршила на третото место, освојувајќи нешто повеќе од 11 отсто од гласовите. Конзервативната ЦДУ се справува со лидерска криза, откако партиската лидерка Анегрет Крамп-Каренбауер неодамна ја најави својата оставка, пренесува Би-би-си.

Првото место го освоија социјалдемократите, кои ја добија поддршката на 39,1 отсто од гласачите, што е за шест проценти помалку од изборите во 2015 година, но сепак доволно за актуелниот градоначалник Петер Ченчер да освои уште еден мандат.
Истовремено, Зелената партија заврши на второто место откако освои околу 24 отсто од гласовите, што е за двапати повеќе во однос на претходните избори.
Генералниот секретар на ЦДУ Пол Зимијак призна дека најавата на Крамп-Каренбауер за оставка од лидерската функција, по скандалот во Турунгија, ѝ нанела штета на партијата.