Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални им се заблагодари на руските пилоти и на лекарите за брзата реакција кога падна во кома за време на летот од Сибир.

Навални, на кого му се слоши на 20 август во авион за Москва, по што беше во кома скоро три недели, напиша на Инстаграм дека пилотите „брзо слетале во Омск“ и дека лекарите на аеродромот „му инјектирале доза атропин“ препознавјќи „труење со отровна материја“.

– Ви благодарам, непознати пријатели со добро срце. Вие сте добри луѓе – напиша 44-годишниот политичар, објавувајќи фотографија на која ја прегрнува својата сопруга Јулија.

Откако помина 48 часа во болница во Омск, чии лекари рекоа дека не откриле траги од труење во неговото тело, Навални беше префрлен во болница во Берлин.

Германски експерти за хемиско оружје објавија дека утврдиле дека Навални е отруен со нервниот агенс „новичок“, а тоа го потврдија и лабораториите во Франција и во Шведска.

Навални беше пуштен од болница неделава. Неговиот тим за труењето го обвинува Кремљ, чии претставници ги негираат обвинувањата.