Антивладините демонстранти што протестираат против резултатите од контроверзните претседателски избори, на кои победи актуелниот шеф на државата Ево Моралес, зазеле неколку државни телевизии и радиостаници во Боливија. Покрај тоа, боливиската полиција во неколку града застанала на страната на демонстрантите. Полицајците, кои биле распоредени пред претседателската палата во главниот град Ла Паз, ги напуштиле своите позиции во саботата.

Истовремено биле запалени и домовите на повеќе високи функционери од партијата на Моралес, вклучувајќи ја и куќата на сестрата на боливискиот претседател. Неколку часа подоцна, Моралес ги обвини демонстрантите за обид за државен удар и ги повика неговите поддржувачи да се мобилизираат, а полицијата ја повика да го почитува Уставот.

– Тие велат дека ја бранат демократијата, но се однесуваат како диктатори – порача Моралес на Твитер.

Моралес е на власт од 2006 година и оваа година третпат беше избран за претседател на државата. По првиот круг на претседателски избори, на 20 октомври, тој директно се прогласи за победник, иако опозицијата, ЕУ и Организацијата на американски држави изразија сериозни сомнежи.