Мадрид – Шпанските граѓани вчера гласаа на парламентарните избори, кои беа четврти избори во изминатите четири години. Со предизборната кампања доминираа прашањата за предвидениот подем на екстремните десничари и за каталонската независност. Изборите ги побара социјалистичкиот премиер Педро Санчез, кој освои мнозинство по гласањето во април, но не успеа да добие поддршка од доволен број пратеници за да формира влада. Според сите анкети, се очекува Санчез повторно да оствари победа на изборите.

Берлин – Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во својот говор на одбележувањето на 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид ги повика САД да го отфрлат национализмот. Штајнмаер потсети на клучната улога на САД во уривањето на ѕидот што ги разделуваше комунистичка Источна Германија од капиталистичкиот Запад. Поради политиките на Доналд Трамп и неговото инсистирање на изградба на ѕид на јужната граница со Мексико, германскиот претседател изрази желба за враќање на трансатлантскиот партнер од минатото.

Техеран – Иранските власти соопштија дека е откриено ново големо нафтено поле во јужниот дел од земјата. Иранскиот претседател Хасан Рохани истакна дека нафтеното поле е со околу 50 милиони барели нафта. Со ова, докажаните ирански резерви на нафта дополнително се зголемени. Иран досега имаше докажани резерви од околу 150 милиони барели нафта.

Дамаск – Најмалку четири сириски војници се убиени, а над 20 се ранети во жестоките судири со силите што ги предводи Турција во североисточна Сирија. Курдските групи претходно ги повикаа силите на сириската влада да го спречат напредувањето на турската војска, која почна голема офанзива во регионот. Оттогаш сириската војска неколкупати се судри со војската на Турција и опозициските борци што таа ги поддржува, и покрај кревкото примирје што беше постигнато со посредство на Русија.