Тел Авив – Министерството за здравство на Израел објави дека веќе не важи обврската за носење заштитни маски во затворен простор. Како што е наведено, постојат три исклучоци, па вработените и посетителите на домовите за стари лица, социјалните институции што не биле вакцинирани или немале коронавирус, како и оние што одат во карантин и патници во авиони мора да продолжат да носат маски. Доколку трендот на болеста продолжи да опаѓа и успее кампањата за вакцинација за деца на возраст од 12 до 15 години, која започна минатата недела, ќе се разгледа и обврската за укинување на маските во училиштата.
Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека доколку затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални умре, тоа ќе биде „трагедија“ што ќе ги наруши односите на Русија со Соединетите Американски Држави и остатокот од светот. Бајден беше прашан за потенцијалната смрт на Навални на 14 јуни за време на прес-конференцијата во седиштето на НАТО во Брисел, која опфати уште неколку теми пред неговиот претстоен самит со рускиот претседател Владимир Путин.
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин пред средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Женева даде интервју за американската телевизија Ен-би-си, каде што истакна дека НАТО и САД не треба да одржуваат воени вежби во близината на границата со Русија. Тој во исто време го запраша медиумот што би се случило кога руска војска би била непосредно до американските граници.
Женева – Швајцарските власти донесоа одлука за привремено ограничување на употребата на воздушниот простор над Женева и распоредување на 3.000 војници и полиција како дел од дополнителното обезбедување за самитот на рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Џо Бајден в среда, 16 јуни. Наведено е дека ограничувањето на воздушниот простор, кое ќе биде во сила од денеска во 8 часот до четврток во 17 часот, нема да важи за комерцијални летови од и до аеродромот во Женева.