Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) со седиште во Париз соопшти дека корона-кризата забрзала неколку тренда од минатата деценија. Зголемената нееднаквост во приходите, промената кон потехнолошки ориентирани работни места и помалку безбедни работни можности за пониско квалификуваните работници доведоа до зголемување на нивото на невработеноста. На крајот на 2020 година, околу 22 милиони лица ги изгубија работните места во сферата на ОЕЦД, а тука спаѓаат државите од еврозоната, САД, Австралија, Јапонија и Велика Британија во споредба со 2019 година. На светско ниво беа загубени 114 милиони работни места, како што соопшти организацијата во нејзиниот извештај за вработување за 2021 година. Иако во рамките на членките на организацијата беше забележан економски скок, сепак остануваат над осум милиони повеќе невработени за разлика од пред кризата, додека над 14 милиони лица се неактивни баратели.
– Потребни ни се повеќе вакцини за да се отворат повеќе работни места. Приоритетот во политиката за отворање нови работни места е што поскоро да се вакцинираат луѓето во светот – порача Матијас Корман, генералниот секретар на ОЕЦД.