Отвореното писмо во кое се предупредува за заканата за избивање на граѓанска војна во Франција би можело да има влијание и врз претседателската трка во Франција в година. Десничарската лидерка Марин ле Пен го поддржа писмото, но порача и дека проблемите на Франција можат да се решат единствено политички. Коментарите на Ле Пен претставуваат изненадување за многумина, земајќи ги предвид нејзините обиди да им се доближи на конзервативците. А дури и дел од нејзините симпатизери сметаат дека поддршката за генералите нема да наиде на одобрување кај гласачите. Се смета дека Ле Пен би можела да биде најсериозна конкурентка на актуелниот француски претседател Емануел Макрон во неговиот обид за реизбор.

Но, одредени експерти посочуваат дека Ле Пен проценила оти заземањето на таков став ќе и помогне да ја освои поддршката на голем дел од Французите кои веруваат во содржината на писмото, особено по терористичките напади кои се случија во Франција во изминатите неколку години. Останува да се види како ваквата ситуација ќе влијае врз изгледите на Макрон, од чија влада остро го осудија писмото, а министерката за одбрана, Флоранс Парли, побара потписниците на писмото да бидат казнети.

Отвореното писмо упатено до Макрон беше објавено во колумна во десничарски весник, на 60-годишнината од неуспешниот пуч против владата на Шарл де Гол. Контроверзната објава ја поддржаа околу илјада војници, вклучително и околу 20 пензионирани генерали и 80 други поранешни високи офицери. Потписниците во писмото порачаа дека претседателот на Франција не може да го запре распадот на земјата, што го спроведуваат исламистите. Во писмото се повикува и армијата да изврши воен удар со цел да се спречи граѓанска војна во Франција.

Воените лица го предупредуваат Макрон за „неколку смртни опасности“ кои и се закануваат на Франција, како што се „исламизмот и ордите од предградијата“, алудирајќи на сиромашните предградија околу Париз кои се дом на големи мигрантски заедници од поранешните француски колонии.
– Часот е критичен, Франција е во опасност – се вели во писмото во кое се истакнува заканата од расна војна, а се критикува и остриот одговор на власта кон протестите на „жолтите елеци“.

Главниот потписник е поранешниот командант на Легијата на странци, Кристијан Пикемал (80), кој беше уапсен во 2016 година поради антимигрантски протест.

– Веќе не е време за одолговлекување, бидејќи во спротивно граѓанската војна утре ќе стави крај на овој растечки хаос и ќе дојде до смрт на илјадници, за што вие ќе бидете одговорни – се заклучува во писмото.