Постигнатиот договор меѓу ОАЕ и Израел со посредство на САД е добар знак за регионот што ќе ја подобри арапско-израелската комуникација, при што аналитичарите оценуваат дека ќе ги обнови врските на државите

Нова ера во односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати

Спогодбата за нормализација на односите помеѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел, која го изненади светот, е плод на 20-годишните напори да се остварат односи помеѓу две сили од Блискиот Исток, чии почетоци на меѓусебните недоразбирања потекнуваат уште од терористичките напади над САД на 11 септември 2000 година. Ова, меѓу другото, го наведува угледниот магазин „Форин полиси“, кој во исто време пишува дека контактите помеѓу двете држави процутеа во невообичаено широка врска благодарение на отворената неколкугодишна поддршка на администрацијата во Вашингтон. Според магазинот, во изминатите две децении, бизнис-односите помеѓу ОАЕ и Израел се проширија на повеќе полињата за соработка, каде што најзабележлив во изминатите неколку месеци беше интересот на ОАЕ за добивање пристап во израелското истражување за вакцина против ковид-19.

– По грабнувањето на авионите на 11 септември од страна на Саудијците со кои беа извршени терористичките напади во САД, а Дубаи истите тие ги користеше за трансфер на парични средства, Обединетите Арапски Емирати бргу се обратија кон Израелците за изработка на софтвер за сајбер-безбедност што ќе им помогне да ја спасат и да ја обноват репутацијата на главен финансиски центар на Блискиот Исток. Ваквата првична соработка беше отскочна штица за градење доверба меѓу двете ривалски земји во годините што следуваа, но и добра основа за склучувањето на денешниот мировен договор – објаснува Ганим Нусеибех, долгогодишен консултант на компаниите во регионот. Во меѓувреме и американскиот и израелскиот лидер, Доналд Трамп и Бенјамин Нетанјаху, го означија договорот како историски додека тие во своите земји се борат за политички опстанок, оценува „Дојче веле“. Принцот Мохамед бин Зајед, суштинскиот владетел на ОАЕ, сепак, деновиве беше поумерен во јавните изјави.

Но придобивките што ги оствари полека излегуваат на виделина. Со воспоставување на односите со Израел тој стекна можност за широки придобивки на политички план и во бизнис-сферата, наведува германскиот медиум. Сепак, иако Западот го поздравува историскиот исчекор во односите на двете земји, Палестинците со скепса го примија договорот. Водечката функционерка на Палестинската ослободителна организација, Ханан Ашрави, на Твитер оцени дека Израел е награден за тоа што „не го објавува отворено тоа што ѝ го прави на Палестина нелегално и постојано од почетокот на окупацијата“. Во меѓувреме Министерството за надворешни работи на Турција го осуди договорот за воспоставување целосни дипломатски односи меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел, оценувајќи дека тоа е нож во грбот на сите муслимани.

Во соопштението од министерството се наведуваше дека историјата нема да го заборави лицемерството на ОАЕ. Инаку, како што претходно соопшти американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер, Израел и ОАЕ деновиве треба целосно да ги воспостават дипломатските врски што ќе биде првата формална врска на Израел со една заливска држава и трета со арапска држава. Според делови од договорот, Израел вети дека ќе го запре суверенитетот врз областите на Западниот Брег што се предмет на анексија.