Европските лидери сметаат дека заедничките програми за ковид-19 се подобри од самостојните

Анализата на Би-би-си што се однесува на последниот важен состанок на челниците на Унијата во Брисел практично е доказ колку во практиката се деликатни европските врски и политики за заедничко справување со пандемијата на ковид-19

Додека насекаде се присутни евроскептиците, а многу гласачи го критикуваат Брисел во однос на справувањето со пандемијата на ковид-19, европските лидери сметаат дека заедничките програми за коронавирусот се подобри од самостојните. Ова го наведува Би-би-си во својата последна анализа на тема поврзана со наводниот недостиг од солидарност во Унијата. Британскиот медиум пишува дека откако европските лидери преку видеоконференција минатиот четвртокот го одржаа самитот, во атмосфера на тешка и мачна дебата, соопштија дека сепак успеале да донесат нов кризен фонд, вреден 540 милијарди евра, кој меѓу другото ќе биде наменет за заштита на европските работници.

Во својот осврт на настаните, медиумот додава дека атмосферата на состанокот била толку тензична што францускиот претседател Емануел Макрон се заканил дека ЕУ може да се распадне доколку не се постигне консензус за ова битно прашање.
Во меѓувреме, оваа пречка била надмината со дипломатска акција на состанокот на Ангела Меркел, која посочила и позитивна разврска на настаните, која беше евидентна во солидарноста на членките покажана кон Италија, односно особено кон југот на земјата, каде што, посочила таа, ваквите состојби здружено може по тој терк да се надминуваат и во иднина.

Во својот прилог Би-би-си додава дека на состанокот, освен политичките несогласувања, биле истакнати и пофалби, како на пример оние што се однесуваат на дејствувањето на членките на ЕУ во делот на помошта што се однесува на распределбата на заштитната медицинска опрема и размената на специјалистичките лекарски тимови меѓу државите.
– Во некои случаи дури и меѓусебно ги лекуваа пациентите, тоа е доказ дека солидарноста сепак постоела – изјавил за Би-би-си европратеник што посакал да остане анонимен.

Од друга страна, европските лидери меѓу другото на состанокот успеале да се договорат и за заедничките идни мерки што би се однесувале на постепено релаксирање на строгите мерки за коронавирусот.
– Ова не значи дека повлекувањето на карантинот ќе биде исто координиран во сите членки на ЕУ. Секоја држава има свој здравствен систем, различни нивоа на инфекција и различни мерки на движење. Медицинските експерти сметаат дека полесно ќе се спречеше шиењето на вирусот во ЕУ и нејзиното соседство ако беа преземени рани и заеднички мерки на претпазливост. За жал, тоа беше невозможно затоа што сите членки имаат разни форми на државно управување – наведува Би-би-си.

Во контекст на актуелните случувања, се истакнува и заклучокот за дополнителен приоритет на Унијата за идниот план за закрепнување на Европа, чија цел е да ги врати на нозе економиите на земјите-членки откако ќе заврши кризата. Дополнително, на состанокот се дискутирало и за пакет мерки вреден од една до 1,5 илјади милијарда евра, кои треба да ги добијат европските држави со најслаби економии, како и за временската рамка во која требало се да се спроведе.
Во овој дел на плановите, францускиот претседател Макрон посакал програмата да биде спроведувана максимално пет години, а Европарламентот требало да ја потпише до крајот на годината.

Во меѓувреме, според медиумот, во овој момент под лупа на јавноста, особено на онаа што е ориентирана како евроскептична, холандскиот премиер Марк Рут побарал Унијата во блиска иднина да ѝ покаже на јавноста дека е одлична во дејствувањето и со сет мерки да ги заштити парите на своите даночни обврзници на европската сцена. Слично на Рут, италијанскиот премиер Џузепе Конте истакнал и дека сега треба дополнително да се покаже дека ЕУ еднакво се залага за помош на сите држави во Унијата.
Лондонскиот медиум во својот осврт напоменува дека челниците на Европа биле едногласни најмногу во својот заклучок дека откако ќе заврши кризата ЕУ, Стариот Континент ќе треба да почне активно да демонстрира поголема геополитичка улога на светската сцена, која би подразбирала политики на глобално ниво, почнувајќи од делот на економијата до развојот на технологијата и дигиталните алатки.

Анализата на Би-би-си резимира дека состанокот практично е доказ колку во практиката се покажува деликатноста на европските врски и политики дека се сложени и опсежни, а сето е резултат на големиот број национални политики на државите-членки што во овие моменти се борат за спроведување најдобри заедничките програми за сузбивање на пандемијата на ковид-19.