Јужноамериканскиот Уругвај  до 60-те години на 20-те век е една од најбогатите држави во светот. Уругвајската економија била тесно поврзана со европската економија. Меѓутоа по создавањето на заедничкиот европски пазар во 1958 година, оваа држава ги губи европските потрошувачи. Оваа промена довела до стагнација на економскиот живот, која водела кон политичка нестабилност, појава на левичарското герилското движење Тупамароси и воена диктатура во периодот 1873-1985.

По губењето на европскиот пазар, Уругвај се насочил кон своите соседи, првенствено кон Аргентина. Во 2002 година, Аргентина ја доживува најголемата финансиска криза во својата историја. Според „Светската книга на фактите“ на ЦИА, во 2001-2002 година Аргентинците ги повлекле своите долари од уругвајските банки, откако банкарските депозити во Аргентина биле замрзнати. Ова довело до паѓање на вредноста на уругвајскиот пезос, банкарска криза, пад на БДП за 20 отсто, а 2002 година била најлошата економска година во историјата на Уругвај. 

Според „Индексот за економска слобода“, кризата доведува до промена на политичката состојба. Од 2004 година, широката левичарска коалиција доминира во политиката на Уругвај, а највлијателни политичари се левичарските претседатели Хозе Мухика и Табаре Васкес, со што завршила 170 годишната политичка доминација на десничарските партии.

Од 2005 година, широката коалиција позната како Широк фронт, која обединува левичарски партии, започнува општествени и економски реформи. Според Светска банка, реформите имале  две главни карактеристики, општествен договор и економска отвореност. Овие реформи довеле до намалување на сиромаштијата, односно до просперитет во последната деценија. Според „Светската книга на фактите“ на ЦИА, во периодот 2004-2008 година економскиот раст на Уругвај изнесувал осум отсто годишно. Светската економска криза од 2008-2009 година предизвикала застој во енергичниот раст на оваа јужноамериканска држава, кој во 2009 година се намалил за 2,6 отсто.

Според „Глобален дијалог“ (магазин на Интернационалната социолошка асоцијација), втората левичарска влада во Уругвај, избрана во 2009 година, ги продлабочила своите политики преку утврдување на минималната плата за сите професионални категории во сите сектори на економијата. Оваа влада одиграла стратешка улога во промовирањето на прогресивната редистрибуција на приходите.

Во 2010 година, растот на БДП изнесувал 8,9 отсто, меѓутоа во периодот 2012-2016 година се намалил поради случувањата во глобалната економија. Според податокот на Централната банка на Уругвај, БДП во 2017 година изнесува 2,7 отсто, со што Уругвај има постојан економска раст во период од 15 години. Светска банка пренесува дека умерената сиромаштија во 2006 година изнесувала 32,5 отсто, а во 2018 година таа се намалила на 8,1 отсто, додека екстремната сиромаштија практично исчезнала, се намалила од 2,5 отсто на 0,1 отсто. Силните макроекономски перформанси се одразија на пазарот на трудот, со историска ниска стапка на невработеност забележана во 2011 година (6,3 отсто). Во јули 2013 година, Светска банка го оцени Уругвај како држава со високи приходи. Во 2017 година, БДП по глава на жител според паритетот на куповна моќ изнесувал 21,870 долари.

Во почетокот на 90–те години на минатиот век, Уругвај е меѓу првите земји во светот што создава слободни економски зони, со законот од 1990 година. Во овие зони, странските компании биле ослободени од даноците, а единствен услов е 75 отсто од вработените да бидат од локалното население. Уругвај има единаесет слободни даночни зони, а тие се делат на три категории, логистика и меѓународна трговија; зони за привлекување на мултинационални компании; зони за висока технолошка индустрија. Во периодот помеѓу 2005-2014 година, во слободните зони биле инвестирани шест милијарди долари. Индиректно, многу мали компании биле создадени како логистика, се јавува потребата за високо квалификувани работници и повисоки плати. Слободните економски зони создаваат 30 отсто од уругвајскиот извоз. Според шпанскиот дневен весник „Ел Паис“, деловната и технолошката „Зона Америка“ годинава се состоела од 350 компании сместени во 30 објекти и 10.000 работници. Глобалното истражување покажало 93 отсто задоволство на компаниите од условите во „Зона Америка“, пренесува „Ел Паис“. 

Според податокот на Светска банка, за да се намали економската зависност од традиционалните трговски партнери, уругвајската влада ги проширила своите економски пазари. Во 2018 година, Бразил и Аргентина  сочинуваат 12 отсто и 5 отсто од вкупниот уругвајски извоз на стоки. Денес најголеми трговски партнери на Уругвај се Кина (26 отсто) и Европската унија (18 отсто).

На општествен план, Уругвај спроведе либерални реформи, легализација на истородните бракови. Во 2013 година, Уругвај е првата земја во светот која ја легализира марихуаната, пренесува „Сантијаго Тајмс“. Реформи биле спроведени и во правосудството, според „Индексот за економска слобода“ (2019), Уругвај е најмалку корумпираната држава во Латинска Америка.