Мажите биле застрелани додека спиеле надвор, откако поминале денови под земја барајќи злато во Појасот Сахел. Тие биле застрелани од деца, од кои дел биле на 12-годишна возраст, како и од возрасни напаѓачи, кои биле поттикнати на убиство од жени што добро ја познавале околината на Солхан на северот од Буркина Фасо, пишува „Си-ен-ен“, повикувајќи се на сведоштва за злосторството.

Армијата пристигнала по неколку часа, но набргу го напуштила местото овозможувајќи им на злосторниците да се вратат и да го запалат селото, а веројатно и да го украдат златото кое се нашло таму. Се проценува дека во масакрот што се случил во текот на 48 часа во јуни, загинале помеѓу 170 и 200 луѓе, а уште е непознат идентитетот на убијците.

Убиствата поминаа речиси незабележано во светските медиуми поради постојаното насилство во Појасот Сахел, каде што се присутни и џихадистите. Но локалниот огранок на Ал каеда ја осуди бруталноста на нападот. А Исламска држава ја обвини токму Ал каеда за убиствата.

„Си-ен-ен“ разговараше со десетици преживеани, сведоци и претставници на властите во Буркина Фасо за да го прикаже убиствениот поход во траење од 48 часа, изведен делумно од деца, што војската на Буркина Фасо била немоќна да го спречи.

– Нивните лица беа покриени со марами. Повеќето од нив беа на мотори и почнаа да пукаат. Бегав за да се спасам, бегав 30 километри, трчајќи цела ноќ додека не дојдов на безбедно – вели еден од преживеаните по нападот.

Друг сведок објаснува што се случувало во текот на нападот.

– Ја видовме светлината од куршумите кои беа насекаде. Само бог нѐ спаси, бидејќи тие ќе нѐ збришеа – вели еден од присутните при пукањето.

Златото во регионот претставува клучен извор за финансирање на џихадистите кои од 2016 година ги запленуваат импровизираните рудници богати со скапоцени метали и минерали во Буркина Фасо, Мали и во Нигер. Во овие држави, исламистичките екстремисти убиле повеќе од 800 цивили во текот на нападите изведени годинава, според проценките на „Хјуман рајтс воч“.

Властите во Буркина Фасо проценуваат дека државата губи 20 тони злато годишно, кое вреди околу милијарда долари, од работата во импровизираните рудници.