Венецуелското опозициско движење може да оствари мирна транзиција на власта и на крај да се одржат слободни избори, изјави лидерот на движењето Хуан Гуаидо, кој се самопрогласи за привремен претседател на Венецуела.

Тој во интервју за Си-Ен-Ен истакна дека претседателот Николас Мадуро и припадниците на вооружените сили би можеле да бидат амнестирани како дел од „транзиција кон демократијата“.

– Убедени сме дека можеме да оствариме мирна транзиција – транзиција и на крај слободни избори – посочи Гуаидо.

Тој додаде дека опозициското движење мора да изврши голем притисок за да „замине диктаторот“, а потоа да се формира транзициска влада и да се одржат слободни избори.

Гуаидо, запрашан дали е можна воена опција во Венецуела, наведе дека сите опции се на маса.

Неговото интервју уследи откако САД ги блокира средствата во висина од седум милијарди долари на венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА.