Брисел поведе правна постапка против Велика Британија, за нејзините планови да заобиколи делови од договорот за излез од европскиот блок

ЕУ во правна битка со Велика Британија за контроверзниот договор за брегзит

Европската Унија е на праг да поведе правна постапка против Велика Британија, за кршење одредени делови од Договорот за повлекување од Унијата. Во таа насока, Европската комисија ѝ даде рок на британската влада до почетокот на овој месец да ги повлече спорните одредби од нејзиниот предлог-закон за внатрешен пазар, кој го претстави на почетокот од минатиот месец. Во своето кратко обраќање минатиот четврток, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, порача дека „рокот е истечен, и дека не биле отстранети спорните одредби“. Таа додаде дека комисијата „одлучила да испрати писмо со официјално известување до британската влада дека тоа е прв чекор во постапката за непочитување на договорот и дека е можно поради тоа да следува правна разврска меѓу Брисел и Лондон“, пренесува „Јуроњуз“. Како што јавува бриселскиот портал, британската влада, која има еден месец официјално да одговори на писмото на комисијата, минатата недела возвратила со изјава дека предлог-законот има цел да „создаде правна заштита за интегритетот на внатрешниот пазар на Велика Британија“. Предходно на неколкупати Брисел го предупреди премиерот Борис Џонсон дека „нема да се двоуми“ да поведе правна постапка ако продолжи да притиска за предлог-законот во парламентот. Исто така, од седиштето на Европската Унија (ЕУ) го отфрлија тврдењето на британскиот премиер дека законот има цел да го заштити Договорот од Белфаст со кој се гарантира мирот во Северна Ирска. Во меѓувреме, британските пратеници ја дадоа својата последна поддршка за предлог-законот минатиот вторник, кој потоа беше испратен на анализа во Горниот дом на британскиот парламент.

Во реакција на вестите, откако присуствуваше на европскиот самит во Брисел, холандскиот премиер Марк Руте изјави дека „се работи за административен чекор во процесот“ наместо за политички. Ирскиот премиер Микал Мартин порача дека општото расположение е подобро во однос на шансите за преговори, но сепак постои одредена дистанца пред почетокот на интензивните преговори.
– Очигледно е дека риболовот е значајно прашање, покрај државната помош заедно со прашањето за управување. Но двете страни се вклучија во процесот и веруваме дека паралелно со постапката за непочитување треба да продолжат и разговорите – вели тој за „Јуроњуз“.
Во официјалната изјава на Европската комисија се вели дека со предлог-законот „Велика Британија ја прекршила својата обврска да постапи со добра волја, како што се наведува во членот 5 од договорот за брегзит“. Исто така го започна процесот што, ако се усвои предлог-законот, ќе го спречи спроведувањето на договорот за излез од блокот. Договорот за брегзит беше потпишан во јануари, откако за него повторно преговараше Борис Џонсон и доби зелено светло од британските и од европските пратеници. Со него се исцртани одредбите за излез на Велика Британија од блокот.

Според договорот, Северна Ирска ќе остане дел од британската царинска унија и затоа ќе биде вклучена во сите трговски договори што Велика Британија ќе ги склучи со трети земји. Сепак, европските царински правила ќе продолжат да важат за стоките што се разменуваат меѓу Северна Ирска и Република Ирска за да се избегне воведување цврста граница на островот, за која многумина стравуваат дека ќе ги подгрее секташките тензии и насилството. Ова значи дека царинските проверки ќе треба да се спроведуваат за дел од стоките што се разменуваат меѓу Северна Ирска и Велика Британија.


Канада најпријателска земја за мигрантите

Според истражувањето на „Галуп“, светот сè помалку ги прифаќа мигрантите, покрај тоа што Европската Унија (ЕУ) го претстави новиот миграциски пакт. Најновото издание на индексот за прифаќање на мигрантите откри дека неколку држави од ЕУ се меѓу оние што најмалку сакаат да прифатат мигранти на светско ниво, како Унгарија, Хрватска, Летонија и Словачка. Индексот се базира на три прашања поставени во 145 држави во 2019 година. Испитаниците биле прашани дали сметаат дека е добро или лошо мигрантите да живеат во нивната држава, да станат нивни соседи или да стапат во брак со некој член од нивното семејство. Иако неколку европски држави во Источна Европа се на дното на листата, Канада се најде на врвот со оценка од 8,46 од највисоката вредност од 9,0. Исланд беше прогласен за втора најпријателска земја за мигрантите во светот со оценка од 8,41, додека Нов Зеланд се најде меѓу трите држави што котираат највисоко на листата.