Адвокатот на Гизлејн Максвел, која е обвинета дека била соработничка на американскиот финансиер Џефри Епстајн, бара таа да биде ослободена со предложена кауција во висина од 28,5 милиони долари, пренесуваат светските медиуми.
Според судските документи, 58-годишната Максвел ќе остане во притвор со приватно обезбедување во резиденција во Њујорк. Таа тврди дека не е виновна и дека ќе остане во Њујорк со цел да ја симне вината од нејзиното име и да му се врати на семејството.
– Од есента 2019 до летото годинава, Максвел исчезна од лицето на Земјата. За неа се зборуваше дека се крие во некоја подморница, во Израел, дека е дел од програма за заштита на сведоци на ФБИ, во луксузна вила на југот на Франција, дека се сонча на бреговите на Шпанија или пак, дека е во некој апокалиптичен, таен бункер кој е во сопственост на нејзини моќни пријатели – вели Марк Сил, специјалниот дописник на „Венити фер“ кој ја следеше нејзината приказна.
Но, денес сите знаат каде таа се наоѓа. Таа е затвореничка во Центарот за притвор во Бруклин, и се соочува со обвиненија за нејзината наводна улога во сексуалната експлоатација и злоупотреба на малолетнички од страна на финансиерот Епстајн.
– Мислам дека за неа сѐ е готово: нејзиниот гламурен живот, забавите, сè е готово. И сигурна сум дека секој ден, тоа ѝ влијае сѐ повеќе и повеќе – вели американската адвокатка Лиза Блум, која претставува шест од жртвите на Епстајн. Од смртта на Епстајн и нејзиното апсење на 2. јуни, Максвел е во центарот на вниманието на американските медиуми.
Се испоставило дека агентите на ФБИ ја уапсиле Максвел во рурално засолниште во Брадфорд, Њу Хемпшир, вредно милион долари. Никој не очекувал дека таа е толку блиску до Њујорк. Овде, таа живеела едноставен живот, џогирала и пешачела по својот имот од 156 хектари.
– Максвел се повлекла на прекрасниот имот, каде што продолжила да живее привилегиран живот, додека нејзините жртви живееја со траумата што им беше нанесена од Епстајн – вели помошникот директор на ФБИ, Вилијам Свини Џуниор.
За Бредли Едвардс, американскиот адвокат кој учествуваше во 12-годишна кампања за да го изведе Епстајн пред лицето на правдата, „без Максвел, немаше да постои педофилот Епстајн“, а таа долго време успевала да се извлече со зборовите „не знаев ништо и не направив ништо погрешно“.
– Нашиот клиент не е Џефри Епстајн, таа не е чудовиштето кое го прикажуваат – изјави пред судот адвокатот на Максвел, Марк Коен.
Обвинителите тврдат дека помеѓу 1994 и 1997 година, Максвел му помогнала на Епстајн да злоупотребува малолетни девојчиња, некои на возраст од само 14 години. Четири од обвиненијата со кои се соочува Максвел се однесуваат на тие години во кои таа била меѓу најблиските соработници на Епстајн, но исто така се тврди дека таа била и во интимна врска со него.
Во јуни, обвинителите побараа притвор за Максвел, тврдејќи дека нејзиното богатство, повеќето странски државјанства кои ги поседува, како и нејзината вештина да се крие претставуваат „ризик за бегство“.
Максвел, која се изјасни за невинa за обвиненијата, треба да плати кауција од околу 22,5 милиони долари заедно со нејзиниот сегашен сопруг, чие име не е дел од судските списи. Пред да се појави пред судот, не беше познато дека таа воопшто е во брак, а тврди дека се обидела да го заштити сопругот од вознемирување, економска штета и физичка опасност, откако Епстајн беше уапсен минатата година.
Епстајн почина на 10 август 2019 година, додека во федералниот затвор чекаше судење. Надлежните служби соопштија дека Епстајн починал од самоубиство со бесење, додека доктор ангажиран од неговото семејство спроведе независна обдукција и го оспори тој заклучок.