Мишел Барние, главниот преговарач на ЕУ за брегзит, ја критикуваше желбата на Борис Џонсон повторно да преговара за договорот за излез на Велика Британија од блокот.

Џонсон, кој стана нов премиер на Велика Британија во средата, рече дека ирскиот дел од договорот што го договори неговата претходничка, Тереза ​​Меј, е мртов и ќе мора да се отстрани.

Но Барние во четвртокот рече дека ставот на новиот премиер на Велика Британија е неприфатлив.

Тој испрати порака до земјите-членки на ЕУ, предупредувајќи дека „борбениот“ говор на Џонсон укажува на исход без договор. Тој рече дека од суштинско значење е ЕУ да се држи до принципите и насоки и да покаже солидарност и единство.

Ирскиот дел од оговорот во суштина е гаранција дека ќе се избегне физичка граница помеѓу Северна Ирска (дел од Велика Британија) и Република Ирска (дел од ЕУ), по брегзитот. 

Поддржувачите на брегзит стравуваат дека ако тоа се прифати Велика Британија би можела да остане во ЕУ засекогаш.