Католички бискупи во Франција денеска се согласија да продадат дел од црковниот имот за да обесштетат илјадници жртви кои биле сексуално злоупотребувани од свештеници.
Црковните власти се под зголемен притисок да им исплатат компензација на жртвите, откако пред повеќе од еден месец беа објавени резултатите на независната комисија, која ја истражува сексуалната злоупотреба на деца во Франција од страна на свештеници и други католички службеници во Франција, објави АФП.
Жан-Марк Сов, кој раководи со независната комисија, рече дека католичките свештеници сексуално злоупотребувале околу 216.000 деца од 1950 година. Кога на тоа ќе се додадат жртвите на злоупотреба не од свештеници, туку од други луѓе поврзани со црковни институции, како што се католичките училишта и домови, бројката достигнува 330.000 малтретирани деца.
Околу 80% од жртвите се мажи.
„ Последиците се многу сериозни. Околу 60% од жртвите подоцна имаа големи проблеми во приватниот и сексуалниот живот“, рече Сове.
Црквата ќе формира независна комисија за да ја процени оправданоста на барањето, а црквата ќе обезбеди средства за отштета, изјави Ерик де Мулен-Бофор, шеф на Бискупската конференција во Франција.
На денешната конференција присуствуваа 120 членови.
Шефот на бискупската конференција најави и дека црквата во Франција ќе бара заем од банките доколку е потребно и дека од Ватикан ќе биде побарано да испрати набљудувач кој ќе ја следи исплатата на отштетата на жртвите.