Американската делегација викендов ќе разговара со талибански претставници во Доха, за првпат по повлекувањето на американските трупи од Авганистан, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на двајца високи претставници во администрацијата.
Американската делегација на високо ниво ќе вклучува службеници од Стејт департментот, УСАИД и американската разузнавачка заедница и ќе изврши притисок врз талибанците да им овозможат на американските државјани и другите безбеден излез од Авганистан и да го ослободат киднапираниот американски државјанин Марк Фрерикс, соопштиле службениците.
Вториот врвен приоритет ќе биде талибанците да се потсетат на нивното ветување дека нема да дозволат Авганистан повторно да стане центар на Ал Каеда или други екстремисти, но и да се принудат да го подобрат пристапот до хуманитарна помош, бидејќи сериозна хуманитарна криза се надвива над Авганистан.
Специјалниот претставник на САД, Залмај Калилзад, кој со години го водеше американскиот дијалог со талибанците и беше клучна фигура во мировните преговори со групата, нема да биде дел од делегацијата.
– Овој состанок е продолжение на прагматичните ангажмани со талибанците што ги имавме за прашања од витален национален интерес. Состанокот не е за признавање или давање легитимитет. Остануваме јасни дека секој легитимитет мора да се добие преку самите дејствија на талибанците – рекол висок претставник кој побарал да остане анонимен.
Иако талибанците ветија дека ќе бидат поинклузивни отколку кога ја водеа земјата од 1996 до 2001 година, САД постојано повторуваат дека на новата талибанска влада ќе ѝ судат врз основа на нејзините постапки, а не на зборовите.
– Сигурно ќе извршиме притисок врз талибанците да ги почитуваат правата на сите Авганистанци, вклучително и жените и девојчињата и да формираат инклузивна влада со широка поддршка – посочил американскиот претставник.