Индискиот министер за надворешни работи деновиве е постојано загрижен. Но, изворот на неговата загриженост не се кинески војници на границата на Хималаите, туку познатата пејачка Ријана и шведската активистка за екологија, Грета Тунберг, кои ги поддржаа индиските фармери во нивните протести и окупацијата на Њу Делхи, пишува „Форин полиси“.
Владата на Моди првин побара од „Твитер“ да забрани голем број на профили, на што вработените од „Твитер“ првин подлегнаа на барањата, но за кратко време сите профили беа вратени во употреба.
Сега индиската влада се подготвува за можната ескалација на протестите. Поставена е бодликава жица, како и барикади кои наликуваат на воени утврдувања околу главниот град, а Њу Делхи изгледа како да се подготвува за непријателска инвазија.
Протестот е последниот удар врз разоткривање на илузијата на Индија како „најголема демократија во светот“. Додека таа има демократски устав, избори, парламентарна опозиција и судство што треба да дејствува независно од владата, голем број активисти се во затвор и одбиена им е кауција. Затоа, не е ни чудо што Индија е толку несигурна и вознемирена кога славни личности како Ријана го насочуваат вниманието кон опаѓачката демократија во земјата.