Најмалку 15 луѓе загинаа во вчерашниот терористички напад врз луксузниот хотелски комплекс во главниот град на Кенија, Најроби, а меѓу жртвите се и еден Британец и еден Американец, соопшти полицијата.
Меѓу жртвите 11 се државјани на Кенија, а на две лица се уште не им е утврден идентитетот.
Според Кениската државна телевизија, 12 часа од почетокот на нападот во хотелскиот комплекс и понатаму се заробени луѓе со повеќекратни повреди.
Иако кениските власти тврдат дека хотелот е обезбеден и луѓето се евакуирани, голем број семејства тврдат дека нивни членови се уште се заробени во комплексот.
Нападот врз луксузниот хотелски комплекс „ДуситД2“ го извршија припадници на терористичката група Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, кои фрлија бомби врз возилата на паркингот, а потоа влегоа во предворјето на хотелот, каде еден од нив го активира експлозивот што го имал на себе. Потоа напаѓачите отворија оган.
Ал Шабаб тврди дека при нападот се убиени 47 лица, додека кениските власти се уште немаат соопштено дека напаѓачите се убиени, уапсени или побегнале.
На видео снимка се гледаат најмалку четворица напаѓачи.
Неименуван сомалиски дипломат изјави дека за време на нападот во хотелот биле претставници на сомалиската власт.
Седиштето на Ал Шабаб, која презеде одговорност за нападот, е во Сомалија. Терористичката група во 2013 година изврши напад врз трговскиот центар Вестгејт во Најроби, при што загинаа 67 луѓе.
Вчерашниот напад уследи откако во понеделникот кенискиот суд одлучи да им суди на тројца осомничени мажи дека биле вклучени во нападот врз трговскиот центар Вестгејт.