Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, најави дека во блиска иднина ќе го посети Иран за да разговара за потпишување билатерални договори за соработка што се однесуваат на енергетиката и другите сектори, пренесува „Њујорк тајмс“.
Во телевизиско обраќање во понеделникот Мадуро истакна дека е должен да оди лично да му се заблагодари на народот на Иран, кој претходно испрати флота со танкери со нафта за неговата земја.
Не се знае кога точно Мадуро ќе го посети Иран.
Неговата изјава доаѓа откако портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусави, изјави дека Техеран ќе продолжи со своите нафтени пратки во Венецуела ако Каракас побара повеќе вакви испораки.
– Иран ги практикува своите права за слободна трговија со Венецуела и подготвени сме да испратиме повеќе танкери ако Каракас побара повеќе испораки од Иран – истакна Мусави.
Тој зборуваше откако петте ирански танкери со нафта и со опрема за рафинирање нафта пристигнаа во Венецуела минатата недела.
Претходно, и Венецуела и Иран изразија загриженост дека САД може да се обидат да ја спречат испораката на нафта со употреба на своите воени бродови распоредени на Карибите по непотврдените извештаи дека Вашингтон размислува за таква опција.
Иранскиот претседател Хасан Рохани ги предупреди САД дека Техеран ќе се одмазди ако неговите танкери се соочат со проблеми.
Иран, исто така ги отфрли, како што рече, неоснованите обвинувања на американскиот специјален претставник за Венецуела, Елиот Абрамс, дека Техеран го снабдува Каракас со опрема потребна за рестартирање на рафинериите во замена за злато од резервите на Венецуела.
Во посебен развој минатата недела, Мадуро ги осуди обидите на САД да го спречат Каракас да има трговски односи со Иран, тврдејќи дека ова е неотуѓиво право на двете држави.
– Венецуела и Иран сакаат мир и имаме право слободно да тргуваме – истакна тој.