АТЛЕТИКА
Тој ќе трча на 400 метри в петок. Во последен момент отпадна Дарио Ивановски (1.500 м). На 36. ЕП во сала треба да настапат рекордни, над 730 атлетичар(к)и од 47 земји, меѓу кои десетина освојувачи на титулата од минатото ЕП
Дарио Ивановски нема да настапи на Европското првенство (ЕП) во атлетика, во сала, во Торун, Полска, од четврток до недела. Причината е позитивниот наод на ковид-19. Ивановски (23) требаше да настапи во трката на 1.500 метри, за која имаше обезбедено норма и сезонава двапати го подобруваше рекордот на Македонија, кој сега е 3:44,98 минути. Единствен македонски претставник на ЕП ќе биде Јован Стојоски, во трката на 400 метри, во квалификациите в петок (финалето е в сабота). Најдобриот резултат на Стојоски во оваа дисциплина е 47,57 секунди, осум стотинки послабо од државниот рекорд од 1987 година на Исмаил Мачев, поранешен тренер на Стојоски.
– Ќе трчам најбрзо што можам, како и на секоја трка, тоа го ветувам и го очекувам, во силна конкуренција меѓу 55 атлетичари што се пријавени за мојата трка – ни изјави Стојоски пред заминувањето за Полска.
На 36. ЕП во сала треба да настапат рекордни, над 730 атлетичар(к)и од 47 земји, меѓу кои има десетина освојувачи на титулата од минатото ЕП, во 2019 година во Глазгов. Во Торун се очекува да настапат Полјакот Марцин Левандовски (1.500 и 3.000 м), кој ќе атакува на четврта по ред титула првак на Европа во сала. Тој треба да настапи и на 800 метри и има шанса да биде првиот со три победи на едно ЕП во сала. Меѓу најголемите ѕвезди се и светскиот рекордер во скок со стап (6,19 метри во сала), Швеѓанецот Арманд Дуплантис, Норвежанецот Јакоб Ингебритсен, освојувачот на злато на 3.000 и на сребро на 1.500 м на ЕП 2019, и други. Л.Д.