Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (2.584 рејтинг-поени, рангиран 54. пред почетокот на ЕП), го забележа второто реми на 24. поединечно Европско првенство (ЕП) во шах во Петровац (Црна Гора), овој пат против ВМ од Турција, Едиз Гурел (2.635, рангиран на 25-то место). Се играше „Англиско отворање“ (варијанта четири коњи), а ремито беше потпишано во 13-от потег. Досега Романов, кој има највисок рејтинг на македонската листа (ФИДЕ), има три победи и две ремија и е на осмата позиција со четири поени, со рејтинг-перформанс од високи 2.751 поен и освоени нови 10,7 рејтинг-поени.
Во денешното попладневно шесто коло, кое е во тек Романов со црни фигури играше повторно на петтата табла, овој пат со ВМ од Ерменија, Шант Саргсјан (2.655, рангиран осми пред ЕП 2024).
По пет кола (од предвидените 11) на претходно водечките, Германецот Фредерик Сване (2.654, рангиран 11. пред почетокот на ЕП) и Шпанецот Максим Чигаев (2.605, рангиран 43.), кои во ова петто коло меѓусебно ремизираа, им се придружија Иван Чепаринов (2.632, рангиран 62.) од Бугарија и Александар Инџиќ (2.623, 33.) од Србија, сите со по 4,5 поени.
Шахистите играат за титулата европски првак во класичен шах, но и за 20 квалификациски места за настап на Светскиот куп на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2025 година. На годинашново ЕП во Петровац играат 388 шахисти од 42 држави, од кои 119 се велемајстори.
Г.И.