Забраната важи само за тенисер(к)ите, што значи дека тренерите, судиите и физиотерапевтите ќе можат да бидат вклучени на турнирот

Организаторите на тенискиот гранслем-турнир на Вимблдон, кој треба да се одржи од 27 јуни до 10 јули, нема да им дозволат настап на тенисер(к)ите од Русија и од Белорусија поради инвазијата на Украина! Вториот светски тенисер Данил Медведев од Русија и четвртата тенисерка на светот, ланската полуфиналистка, Арина Забаленка од Белорусија, се највисокорангираните што се погодени од забраната.
Забраната важи само за тенисер(к)ите, што значи дека тренерите, судиите и физиотерапевтите ќе можат да бидат вклучени на турнирот. За разлика од Вимблдон, на Отвореното првенство на Франција на Ролан Гарос, кое започнува во мај, на играчите од Русија и од Белорусија ќе им беше дозволено да се натпреваруваат, но не под нивните национални знамиња.
Асоцијациите на машките и женските професионалци, АТП и ВТА, соопштија дека овој потег е „неправеден“, односно „штетен преседан за играта“. Србинот Новак Ѓоковиќ, шесткратниот шампион на Вимблдон и тенисер број 1 во светот, изјави дека не ја поддржува „лудата“ одлука на организаторот.
– Тенисерите, спортистите немаат врска со војна. Кога политиката се меша во спортот, резултатот не е добар – вели Ѓоковиќ.
Мартина Навратилова, која освои рекордни девет титули на Вимблдон, рече дека исклучувањето на руските и белоруските играчи „не е начин да се оди напред“.
– Мислам дека тоа е погрешна одлука. Тенисот е многу демократски спорт. Тешко е кога ќе видите дека политиката го уништува – истакна Американката со потекло од Чешка.