По првиот турнир со брзо темпо на игра (пет минути плус три секунди по играч), на кој меѓу 24 шахисти, по 10 кола, победи ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Јани Богоевски, денеска и утре во просториите на ШК Алкалоид во Скопје, а во организација здружението ШКВ Скопје 72 продолжува ветеранскиот шаховски фестивал „Незаборав за хероите“. Ветеранскиот фестивал се игра во чест на јубилејот 80 години од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, на кој можат да настапат само шахисти што не се помлади од 60 години.
Вториот турнир е со забрзано темпо (15 минути плус 10 секунди по играч), во девет кола (денеска пет, утре четири кола, во двата дена со почеток во 11 часот), на кој се очекува повторно да се видат мошне возбудливи и докрај неизвесни партии. До вчера на турнирот беа пријавени 30 шахисти, од кои четворица ФМ, а прворангиран беше ФМ Богоевски (2.235 рејтинг-поени).
По овој, ќе остане да се одигра уште третиот ветерански турнир (7-13 ноември), со темпо од 30 минути по играч за цела партија. Сите турнири ќе се сметаат за официјални ветерански првенства на Скопје за годинава, а победниците ќе бидат прваци за 2024 година во своите категории и ќе добијат пехар, а првите тројца и признанија. Г.И.