Во Турција сме дојдени, исто така, по медали. Верувам дека уште еднаш ќе испишеме нова успешна страница во македонското карате, како најтрофеен спорт во Македонија. Најважно е дека кај сите репрезентативци владеат голем мотив и позитивна енергија на ова ЕП, вели Кузмановски

КАРАТЕ – АЛЕКСАНДАР КУЗМАНОВСКИ, СЕЛЕКТОР ВО БОРБИ, ЗА НАСТАПОТ НА ЕП 2022

Верувам дека сите репрезентативци во борби ќе го дадат својот максимум на Европското првенство (ЕП) во Газиантеп и дека заедно ќе се обидеме да испишеме нова историја во македонското карате во делот на настапите на ЕП. А секој добар резултат и секој освоен медал за нас како репрезентација ќе претставуваат огромен успех, вели селекторот во борби, Александар Кузмановски.
Тој вторпат е во својство на селектор, по Светското првенство (СП) во Дубаи, лани, кога Македонија го постигна најголемиот успех воопшто, со освоеното сребро на Емил Павлов, прво за Македонија. Кузмановски верува дека традицијата на освојување медали од големите натпреварувања ќе продолжи и сега на годинашното Европско првенство, кое се одржува во Турција.
– На Светското првенство во Дубаи, на мојот прв настап како селектор на сениорската селекција во борби, направивме историски резултат. Во Турција сме дојдени, исто така, по медали. Верувам дека традицијата ќе продолжи, дека ќе ја израдуваме Македонија и уште еднаш ќе испишеме нова успешна страница во македонското карате, како најтрофеен спорт во Македонија. Најважно е дека кај сите репрезентативци владеат голем мотив и позитивна енергија на ова Европско првенство – вели Кузмановски, додавајќи дека каратето во Европа и во светот е на највисоко ниво, односно кога сите мислат дека по Летните олимписки игри во Токио ќе опадне, напротив, тоа станува сѐ помасовно.
ЕП 2022 во Газиантеп завршува в недела, а боите на Македонија ги бранат вкупно 16 натпреварувачи (мажи и жени) во борби и во кати.