Фото: Игор Бансколиев

Подготвителниот камп е замислен како проверка на формата, кревање на тимскиот дух и запознавање со одредени теоретски содржини и актуелности во современиот шах. Сметам дека ваквите кампови позитивно ќе се одразат на репрезентативните настапи, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски, пред кампот на кој треба да присуствува поширокиот состав на машката и на женската репрезентација, заедно со селекторите Недев и Андоновски

ШАХ – ОД ДЕНЕСКА НА ПОПОВА ШАПКА

Поширокиот репрезентативен состав на шахисти и на шахистки, кои се и кандидати за настап на претстојната Шаховска олимпијада (ШО) во Индија, а предложени од селекторот на мажите, Трајко Недев, и од селекторот на жените, Љубиша Андоновски, кој наедно е и дебитант на оваа функција, од денеска до недела ќе одржи заеднички подготвителен камп на Попова Шапка. ШО 2022 треба да се одржи во индискиот град Ченаи, во периодот од 28 јули до 10 август годинава.
– Подготвителниот камп е замислен како проверка на формата на шахистите и на шахистките, кревање на тимскиот дух, како и запознавање со одредени теоретски содржини и актуелности во современиот шах, пред одржувањето на ШО, а на која ќе настапат машката и женската репрезентација на Македонија, што, всушност, беше и барање на селекторите. Ваков репрезентативен камп одржавме и лани во октомври, исто така, на Попова Шапка и сметам дека ваквите кампови позитивно ќе се одразат на репрезентативните настапи. Како Шаховска федерација на Македонија ќе се трудиме и во иднина да имаме вакви подготвителни кампови пред поголемите натпреварувања – вели членот на Управниот одбор (УО) на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Зоран Стојчевски.
Предавач на кампот ќе биде искусниот велемајстор (ВМ) од Бугарија Петар Арнаудов, кој речиси редовно ги брани боите на ШК Гамбит Асеко СЕЕ.
– Арнаудов е еден од најдобрите шаховски предавачи во регионов, врвен тренер, а неговата методологија на предавање е една од најдобрите. Тој поседува најнова база на шаховски информации, односно за тоа што всушност се случува во светскиот шах на играчки и на теоретски план и, секако, ќе биде од голема корист на овој камп. Друга подготовки од ваков тип до почетокот на ШО во Индија нема да има, оти во периодот што следува нѐ очекуваат повеќе шаховски натпреварувања, како на пример Младинското првенство на Македонија, настап на школското Европско првенство во Црна Гора, потоа екипното Европско првенство за млади селекции (12 и 18 години – н.з.) во Грција и други, па нема многу слободни термини – вели Стојчевски.


ПОШИРОК СПИСОК НА ПОВИКАНИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ

МАЖИ: ВМ Звонко Станојоски, ИМ Филип Панчевски, ИМ Никола Николовски, ИМ Тони Лазов, ФМ Емил Ристески, Андреј Велјаноски. Селектор: ВМ Трајко Недев.
ЖЕНИ: ЖФМ Моника Стојковска, Драгана Николовска, Ивана Манова, Моника Жежовска, Катерина Петровска, Сања Трајковска, Леа Ефтовска. Селектор: ФМ Љубиша Андоновски.