Фото: Маја Јаневска Илиева

Шампионката од 2018 година го заврши мечот три партии пред предвидените 12, откако ремизира во деветтата и стигна до потребите 6,5 поени

ШАХ

Кинеската велемајсторка (ВМ) Ју Венјун (2.561 рејтинг-поен) ја победи сонародничката Тан Жонгји (2.555) со 6,5-2,5 и со тоа ја одбрани титулата светска шампионка (ФИДЕ), со што стана само четвртата жена во историјата што ја освоила пет пати. Шампионката од 2018 година го заврши мечот три партии пред предвидените 12, откако ремизира во деветтата и стигна до потребите 6,5 поени.
Иако предизвикувачката прва поведе во втората партија, како решавачки се покажаа петтата, шестата, седмата и осмата, кои во низа ги доби Венјун, додека првата, третата и деветтата завршија мирољубиво. Првенството почна на 3 април во Шангај, а по шестото коло се пресели во Чонгкинг (Кина) и се играше за награден фонд од 500.000 евра.
Венјун (34) првпат ја освои светската круна во 2018 година победувајќи ја токму Жонгји, пред да ја одбрани титулата по нокаут-систем со 64 шахистки подоцна истата година, а потоа и во дуелите со ВМ од Русија, Александра Горјачкина (во 2020 година) и со Леи Тинџие (во 2023 г.) од Кина. Нејзиното седумгодишно владеење сега ќе се продолжи барем до следниот меч во 2026-2027 година. Венјун титулата ВМ ја освои во 2014 година, највисокиот личен рејтинг го постигна во март 2017 година (2.604 поени), а моментално е второрангирана во светот, зад сонародничката Јифан Хоу (2.633).
Со последната победа Венјун им се придружи на Вера Менчик, Нона Гаприндашвили и Маја Чибурданиџе, кои се едни од ретките шахистки што ја освоиле титулата пет или повеќе пати. Г.И.