Уште сум во шок и неверување што навистина се случи, изјави Вајтмен, кој е првиот Британец што ја освоил светската титула на 1.500 м, по Стив Крам во 1983 година

АТЛЕТИКА – СП ВО САД

Британецот Џејк Вајтмен (28) истрча неверојатна трка и го освои златниот медал на 1.500 метри на Светското првенство (СП) во Јуџин (САД), со време од 3:29,23 минути, победувајќи го олимпискиот шампион од Токио 2020-та, Норвежанецот Јакоб Ингебригтсен, кој го освои сребрениот медал. Вајтмен, кој изгледаше запрепастено додека ја минуваше целната линија е првиот Британец што ја освоил светската титула на 1.500 метри, по Стив Крам во 1983 година. Времето на Вајтмен е негов личен рекорд и второ најбрзо победничко време во историјата на СП.
Титулата светски првак убедливо е најголемо достигнување на Вајтмен. Тој освои бронза на Европското првенство (ЕП) и на Игрите на Комонвелтот во 2018 година на 1.500 метри, но се квалификува за Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2016 година, а на ЛОИ лани беше 10-ти.
– Уште сум во шок и неверување што навистина се случи. Веројатно ова нема да се промени сѐ додека не се пензионирам. Што и да се случи во остатокот од мојата кариера, јас сум светски шампион. Не многу луѓе можат да го кажат тоа – изјави Вајтмен.
Своевидна атракција на трибините на стадионот во Јуџин беше и таткото на Џејк, Џеф Вајтмен, кој беше во улога на официјален најавувач.
– Трчањето се враќа дома. Леле. Тоа е мојот син, тој е светски шампион – ѝ се обрати тој на публиката на стадионот „Хејворд филд“.
Џеф е и тренер на својот син, Џејк, кој за него вели дека „вложува исто толку напори, ако не и повеќе од мене, па се надевам дека ќе го прослави успехот колку и јас“.
Мајката на Вајтмен, Сузан Туби, и тетката Анџела Туби-Смит, кои се идентични близначки, настапија на ЛОИ 1988. Мајка му беше 12-та во маратонот, а Туби-Смит освои бронза на 10.000 метри за Велс на Игрите на Комонвелтот во 1986 година. Во меѓувреме, таткото на Вајтмен, Џеф, беше шести на маратонот на ЕП 1990. Л.Д.