БАЛКАНСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ ВО КРУШЕВО

Особено задоволство ми е да ве видам сите што сте тука како ја покажувате вашата подготвеност за секој предизвик. Дозволете да изразам почит кон вашата посветеност. Ова Балканско првенство за кадети е, исто така, доказ за регионалната соработка, која гради пријателство преку границите, рече јапонскиот амбасадор во Македонија, Оцука Казуја, кој присуствуваше на квалитетното и масовно Балканско кадетско првенство во Крушево, на кое Македонија освои две бронзи

Во двата натпреварувачки дена вистинска привилегија беше да се биде во Крушево, да се гледа и да се ужива во квалитетните џудо-борби презентирани од 10-те селекции, со околу 400 натпреварувачи што учествуваа во поединечните и во екипните натпревари на Балканското првенство (БП) за кадети. Во одлична организација, овој спортски настан уште еднаш покажа дека Македонија е подготвена и умее да организира натпреварувања од голем обем, како што успешно го правела тоа и во минатото.

Во Крушево едноставно сѐ функционираше како под конец, од самото пристигнување на натпреварувачите, нивното сместување, ждрепката, тежинското мерење на џудистите, па сѐ до квалитетните борби, бучната навивачка атмосфера во спортската сала, прогласување на најдобрите и секако заедничкото дружење. Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) уште еднаш се покажа во светло издание и достојно ја претстави Македонија во џудо-спортот.
– Задоволство е што на ова најзначајно натпреварување под закрилата на Балканската џудо-асоцијација имаме учество на 10 земји и над 400 натпреварувачи и официјални лица. Не случајно за град домаќин е избран токму Крушево. Ова е град со богата традиција и култура, град познат по големи и значајни имиња во македонската историја со векови, а сега и град на џудото, каде што уживаме во оваа самурајска вештина и каде што ќе се постигнат врвни резултати. Ќе покажеме дека џудото е спорт што сплотува, обединува и поттикнува – изјави Владимир Трпаноски, потпретседателот на ЏФМ, при прогласувањето на Балканијадата за отворена.

Зборови за одличната организација не штедеше ниту јапонскиот амбасадор во Македонија, Оцука Казуја.
– За мене особено е важно да спомнам дека оваа јапонска боречка вештина и олимписки спорт има голема заедница на поддржувачи и е популарна меѓу луѓето од сите возрасти во ова земја. Особено задоволство ми е да ве видам сите што сте тука како ја покажувате вашата подготвеност за секој предизвик. Дозволете да изразам почит кон вашата посветеност. Ова Балканско првенство за кадети е, исто така, доказ за регионална соработка, која гради пријателство преку границите – рече јапонскиот амбасадор во Македонија, Оцука Казуја, кој од претседателот на ЏФМ, Трпаноски, доби плакета за посебен придонес во развојот на џудо-спортот и за неговото присуство на овој значаен спортски настан.

Македонските натпреварувачки Георгина Блажевска (тежинска категорија до 44 кг) и Ива Богдановска (до 57 кг), членки на ЏК Миоки од Скопје, постигнаа голем успех, закитувајќи се со бронзени медали од македонската репрезентација, која имаше вкупно 21 натпреварувач. Како најуспешна, пак, во екипна конкуренција, освојувајќи го златниот медал, е репрезентацијата на БиХ, со сребро се закити Романија, а носители на бронзениот медал се селекциите на Турција и на Грција.
– Блажевска и Богдановска успеаја да изборат места на пиедесталот, иако борбите за третото место им беа тешки и неизвесни. Целосно гледано со две бронзи на еден вакво врвно и квалитетно балканско натпреварување за кадети со досега најголем број натпреварувачи, јас сум задоволен со оглед дека го поправиме резултатот од ланската Балканијада за кадети во Турција на која освоивме еден бронзен медал – вели селекторот на македонските кадети, Дејан Мицкоски.

Претседателот на ЏФМ, Трпаноски, му додели пригодни награди на тимот што го организира овој голем спортски настан.


РЕКОА ЗА БАЛКАНИЈАДАТА

Бранислав Црногорац, претседател на Балканската џудо-асоцијација: Ова натпреварување е многу корисно, особено за младите џудисти. Многу величини го почнале своето патување во спортот токму на балканските натпреварувања. Благодарност до претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, за прекрасната организација и технички успешно извршените подготовки.

Денис Сили, генерален секретар на Балканската џудо-асоцијација: Благодарност до Џудо-федерацијата на Македонија, претседателот Владимир Трпаноски и неговиот тим.
Ребереан Мариус, претседател на Судиската комисија на Балканската асоцијација: Се надевам дека ќе уживате во ова натпреварување и ќе имате спомени од Македонија. Ви благодарам што дојдовте и ви посакувам среќа во натпреварите.

Андреј Николоски, претседател на Советот на Општина Крушево: Крушево покажа дека може да се носи со организација на големи натпреварувања, да создава генерации спортисти, кои достојно ќе го презентираат џудото во градот, државата, како и надвор од неа.

Г.И.