Џудистите на Миоки со тренерот Паскоски

На највисокиот пиедестал се искачија Виктор Трчков, Емилија Паскоска и Хамида Друштинац

МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „ТРОФЕЈ ТАМИШ“

Џудистите на скопскиот клуб Миоки остварија голем успех на силниот меѓународен турнир „Трофеј Тамиш“, во Белград (Србија), а во организација на клубот Тамиш од Панчево. Миоки настапи со седум претставници, а тројца од нив се закитија со најсјајниот медал.
Во возрасната категорија до 10 години, злато освои Виктор Трчков (тежинска категорија над 55 кг), до 12 години Емилија Паскоска (до 44 кг) и до 14 години Хамида Друштинац (до 36 кг). Џудистите ги предводеше нивниот тренер Игор Паскоски.
– Овој турнир е еден од најмасовните и најдобро организирани на овие простори, а конкуренцијата секогаш е на високо и завидно ниво. Пресреќен сум што од седум учесници, кои се покажаа во одлично светло, освоивме три медали, и тоа сите златни. Настапот на носителите на златните медали беше фасцинантен, оти во исклучително тешки борби извојуваа победи и се искачија на највисокото место на пиедесталот. Само како споредба, во однос на напредокот на џудистите на клубот Миоки од оваа возрасна група, е фактот што минатата година на овој турнир освоивме само два бронзени медала, Друштинац и Паскоска, а овој пат истите џудистки освоија и злато – вели тренерот Паскоски.
На турнирот настапија околу 650 натпреварувачи од 66 клуба, од девет држави. Г.И.