На ЕП 2025 играат 375 шахисти од 40 држави, од кои 42 со рејтинг над 2.600 поени

ПОЕДИНЕЧНО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ШАХ, СЕДМО КОЛО

Два освоени поена од четири можни е резултатот во седмото коло на четворицата македонски претставници на 25-то поединечно Европско првенство (ЕП) во шах во романскиот град Ефорие Норд. Третпат цел поен освои интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов (рејтинг 2.400, рангиран 167. пред почетокот на ЕП 2025), кој со црни фигури го победи женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) од Полска, Мартина Староста (2.226, рангирана на 248-то место).
Во своите партии ремизираа ИМ Филип Панчевски (2.421, рангиран 152.) и ИМ Емил Ристевски (2.365, рангиран на 183-то место). Првиот со бели фигури против хрватскиот ВМ Марин Босиочиќ (2.518, рангиран на 87-то место), а вториот со црни фигури против Молдавецот Кирил Гуретчи (2.112, рангиран на 202-то место). Четврти пораз доживеа ФМ Роберт Велески (2.092, рангиран 309-ти) со црни фигури од ФМ Хунор Золтан Антал (2.258, рангиран 236-ти) од Романија.
Лазов на четири кола до крајот на ЕП 2025 е 113-ти со четири поени (три победи, две ремија, два пораза), колку што има и Панчевски на 114-то место со ист поединечен скор како и Лазов. Ристески е 205-ти со 3,5 поени (две победи, четири ремија и еден пораз), а Велески е на 290-то место со 2,5 поена (две победи, едно реми и четири порази). Во водство со по шест поени се ВМ од Грузија, Бадур Јобава (2.578, рангиран 52.), кој во 2010 и во 2017 година беше вицепрвак, а во 2009 и 2016 година трет, потоа шампионот од 2022 година, германскиот ВМ Матијас Блубаум (2.643, рангиран 17.) и ВМ од Норвешка, Ариан Тари (2.621, рангиран 33-ти).
Македонија двапати беше домаќин на вакво квалитетно и масовно натпреварување. Првиот пат за второто ЕП во Охрид, во 2001 година, кога меѓу 203 учесници (13 кола) победи ВМ од Израел, Емил Сутовски. Вториот пат Македонија беше домаќин во 2019 година, во Скопје, каде што во конкуренција на 361 учесник (11 кола) славеше Русинот Владислав Артемиев.
Досега рекордот според бројот на учесници на едно ЕП е забележан во Врњачка Бања (Србија) во 2023 година, кога настапија 484 натпреварувачи. Минатата година ВМ Евгениј Романов беше единствениот Македонец што настапи на ЕП, а по 11 кола го освои 70-то место со 6,5 поени. На ЕП 2025 играат 375 шахисти од 40 држави (100 ВМ, два ЖВМ, 75 ИМ, девет ЖИМ, 72 ФМ, осум ЖФМ), од кои 42 со рејтинг над 2.600 поени. Г.И.