Пласманот на Божиновски е одличен показател дека и тој може да чекори на патот кон Олимпијадата во Лос Анџелес 2028, вели неговиот тренер Миленковски. Ема и претходно имаше одлични резултати, се надевам дека така и ќе продолжи, потенцира тренерот на Тигри, Ефтимов

ТАЕКВОНДО – „Е3 АСТЕРИКС-КУП“ ВО НИШ

Македонските таеквондисти, јуниорот Давид Божиновски, член на ТК Младост и кадетката Ема Петрушевска, членка на ТК Тигри, се закитија со медали на „Е3 Астерикс-куп“, кој се одржа изминатиот викенд во Ниш, Србија. Божиновски го освои сребрениот медал, кој му донесе 18 бода на европската ранг-листа, со кои се очекува да се искачи меѓу најдобрите 25 во Европа. Петрушевска освои бронзен медал, кој носи 3,6 поени на ранг-листата.
– Пласманот на Божиновски е одличен показател дека и тој може да чекори на патот кон Олимпијадата во Лос Анџелес во 2028 година. Поради добрата позиција на ранг-листата, тој беше слободен во првото коло, во второто го совлада со 2-0 во рунди Молдавецот Даниел Лингу, а во финалето во неизвесна борба загуби од Србинот Лазар Савичиќ.

Следниот викенд заедно со нашиот веќе докажан натпреварувач Христијан Симоновски, кој моментално е шести на европската ранг-листа, ќе учествуваат на Г1-турнирот во Кристијанстад (Шведска), каде што за првпат ќе ги одмерат силите како сениори против најдобрите во светот – вели неговиот тренер Стефан Миленковски.
Петрушевска беше слободна во првото коло, во второто ја победи Србинката Гала Грубач со 2-0 во рунди, а во полуфиналето со 2-0 во рунди загуби од Мамути Заинаб од Словачка, која во финалето беше поразена со 0-2 во рунди од Србинката Милица Ивковиќ.
– Петрушевска тренираше седум години кај мене во клубот Тигри, а последните три месеци се пресели со нејзините во Словенија. Ема и претходно имаше одлични резултати, се надевам дека така и ќе продолжи. Следниот викенд на Г1-турнирот во Шведска, од клубот Тигри ќе настапат Милијана Рељиќ и Горјан Бадаровски – истакна тренерот Тигри, Александар Ефтимов. Г.И.