ШАХ
Нерешено е на половина од дуелот за светски првак
Светскиот првак, Кинезот Динг Лирен (2.728), и претендентот, 18-годишниот Индиец Домарају Гукеш (2.783) ремизираа по 72 потези игра во седмата партија од мечот за титулата светски шаховски првак во Сингапур. Гукеш не ја искористи предноста, особено кога влезе во недостиг од време. На половина од мечот резултатот е 3,5-3,5. Вчера се играше осмата партија, а белите фигури ги водеше Лирен.
Гукеш ги изненади сите во отворањето со новитетот во седмиот потег Te1, гамбит на пионот, кој досега не бил одигран во повеќе од 5.000 мајсторски партии. Лирен се одлучи за класична варијација на одбрана Нео-Гринфелд, и веќе ја има играно оваа позиција во 14 партии (2010-2021 година), со врвни играчи како Хикару Накамура, Владимир Крамник, Петер Свидлер и Весли Со, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
– Мислев дека треба да победам пред, но и по размената на кралиците. Мислев дека крајот на мечот со слабите Ф-пешаци и мојот дополнителен пешак треба да бидат доволни за победа, но излезе потешко отколку што очекував – рече Гукеш на прес-конференцијата, пренесе ФИДЕ. Г.И.
КОШАРКА
Осум земји се кандидираа за домаќин на ЕП 2029
Осум национални федерации поднесоа официјална понуда за домаќини на Европското првенство (ЕП) во 2029 година, меѓу нив шест поранешни домаќини и пет некогашни европски шампиони, објави Светската кошаркарска федерација (ФИБА). Естонија, Финска, Германија, Грција, Литванија, Холандија, Словенија и Шпанија се земјите што ги поднесоа своите кандидатури за домаќини на водечкиот европски кошаркарски настан во 2029 година.
Четири од тие осум кандидати в година треба да бидат објавени како кодомаќини на 43-то издание на ЕП, предвидено да се игра во 2029 година. Естонија и Холандија се единствените земји на оваа листа што никогаш не биле домаќини на ЕП, а Финска се стреми да стане првиот домаќин во историјата на две континентални првенства по ред, бидејќи е една од четирите земји во кои ќе се игра ЕП 2025, пишува Светската кошаркарска федерација. Германија, Грција, Литванија, Словенија и Шпанија, пак, се поранешни европски шампиони.
– Фактот дека добивме осум официјални понуди за ЕП 2029 е доказ за огромниот дострел на европските првенства. Нашите национални федерации го прифатија сега добро воспоставениот формат на повеќе домаќини не само како мотор на огромен раст за натпреварувањето само по себе туку и како двигател на развојот на нашиот спорт во секој агол на континентот – изјави извршниот директор на ФИБА Европа, Камил Новак. Н.М.
КОШАРКА
Следува нокаут-фазата на НБА-купот
Милвоки – Орландо, Њујорк – Атланта во Источната конференција, а Оклахома – Далас и Хјустон – Голден стејт во Западната конференција се двојките за четврт-финалето на кошаркарскиот НБА-куп за сезонава. Двојките се закажани за идната недела, а победниците ќе се пласираат на фајналфор-турнирот што на програмата е од 14 до 17 декември во Лас Вегас. Победник на првото издание на натпреварувањето, лани, беше Лос Анџелес лејкерс.
Сите 30 екипи што играат во НБА-лигата учествуваа во групната фаза. Милвоки, Њујорк, Атланта, Оклахома, Хјустон и Голден стејт ги освоија првите места во своите групи, а Орландо и Далас во доигрувањето се пласираа како најдобри меѓу второпласираните. Н.М.