Главниот град на Јута, кој беше домаќин на ЗОИ во 2002 година, неодамна го посетија претставници на ИОК, кој се очекува во јули годинава официјално да го именува градот домаќин на Игрите во 2034 година
Солт Лејк Сити (САД) најверојатно ќе ја добие организацијата на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2034 година, а официјални лица рекоа дека неговата силна инфраструктура и ентузијастичка јавна поддршка го отворија патот, пишува агенцијата „Ројтерс“. Главниот град на Јута, кој беше домаќин на ЗОИ во 2002 година, неодамна го посетија претставници на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и притоа ги слушнаа плановите за Игри „без градење“.
Ниту еден друг град не е во игра за ЗОИ 2034. Солт Лејк Сити за 2034 и Франција за 2030 година во ноември беа избрани како претпочитани кандидати за домаќини на ЗОИ. Додека други градови се повлекуваат од идејата да бидат домаќини на ЗОИ поради стравување од пречекорување на трошоците, тоа не е случај во Солт Лејк Сити, каде што опстојува наследството од Игрите во 2002 година, пишува „Ројтерс“.
– Тие добија можност да ги видат нашите спортски терени, како тие уште напредуваат, и заминаа возбудени од она што го видоа. Беше исклучително позитивно. Нашето истражување покажа дека имаме над 80 отсто јавна поддршка. Тоа е неверојатно. И го имавме тоа постојано во претходните 20 години. Нашиот предизвик е да се погрижиме да го задржиме тој ентузијазам и да се погрижиме да имаме намерно влијание врз нашата заедница. Не мораме да градиме згради, така што нашата идеја во 2034 година повеќе ќе се заснова на нашето влијание во заедницата отколку да се постави нова зграда – изјави за „Ројтерс“ Кетрин Рени-Норман, претседателка на Комитетот за Игрите во Солт Лејк Сити и поранешна четирикратна учесничка на ЗОИ во брзо лизгање.
Солт Лејк Сити првично сакаше да конкурира за Игрите во 2030 година, но се откажа од плановите поради тоа што тој термин беше премногу блиску до Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година во Лос Анџелес (САД). Се очекува Интернационалниот олимписки комитет официјално да го именува градот домаќин на 24 јули годинава. Г.И.