Фото: Маја Јаневска-Илиева

КАРАТЕ – УТРЕ ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА КК МЕТАЛУРГ

Овој турнир е со најдолга традиција и репутација во борби и во кати во Македонија и досега на него настапиле многу квалитетни поединци, екипи и репрезентации од странство, вели тренерот на КК Металург, Мирче Јанушевски

Годинашново 39-то издание на традиционалниот меморијален карате-турнир „Никола Грдановски-Нике“ во организација на еден од најтрофејните карате-клубови во Македонија, Металург, ќе се одржи утре во салата „Методи Андонов-Ченто“ во скопската населба Маџари, на три борилишта, со почеток во 10 часот. Ќе настапат натпреварувачи од Македонија во старосните категории петлиња и помлади, пионери, надежи, кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 година) во борби и во кати (поединечно) во различни тежински категории, како и во кати екипно. Поради пандемијата на коронавирусот, претходните две години турнирот не се одржа.
– Турнирот се одржува во чест на каратистот Никола Грдановски-Нике, кој трагично почина на 26 јануари 1979 година. Грдановски беше еден од основачите на карате-клубот Металург, а наедно и натпреварувач, тренер, мајстор на карате-спортот со црн појас прв степен. Овој турнир е со најдолга традиција и репутација во борби и во кати во Македонија и досега на него настапиле многу квалитетни поединци, екипи и репрезентации од странство, покажувајќи ги вештините во каратето. Грдановски секогаш градеше нераскинливо пријателство меѓу младите и љубовта кон карате-спортот и токму во негова чест е воспоставен овој турнир, кој годинава ќе се одржи по 39-ти пат – вели искусниот тренер на Металург, Мирче Јанушевски.

Според предвидената саатница, од 8.30 до 9.55 часот е пријавување на натпреварувачите, од 9.30 до 10 е судискиот збор, од 10 до 10.15 се отворање на турнирот и ждрепката на ката-категориите. Во 10.30 часот е почетокот на натпреварите, од 12 до 12.15 е жрепката во борби и потоа почеток на натпреварите. Бројот на натпреварувачи не е ограничен, а најдобрите тројца во сите категории поединечно и екипно ќе добијат медал и диплома, а ќе има пехар и за најуспешниот и најмногубројниот клуб со натпреварувачи на турнирот. Г.И.